Ледецка го одбрани златото од Игрите во Пјонгчанг, а Карл е првиот сноубордер освојувач на три различни олимписки медали, злато, сребро и бронза од три Игри

СНОУБОРД

Естер Ледецка (26) од Чешка го повтори успехот од Пјонгчанг 2018 освојувајќи го златниот медал во паралел-велеслалом, во сноуборд. Таа пред четири години стана првата жена освојувач на златни медали во два различни спорта, во сноуборд (во паралел-велеслалом) и во алпско скијање (во супервелеслалом), подвиг што ќе се обиде да го повтори утре.
– Ќе биде тешко оти дел од мене сè уште се трка на таа патека. Друг дел од мојата глава веќе се обидува да ги најде најдобрите линии на патеката за скијање. Многу сум натпреварувачки настроена, сакам секогаш да бидам подобра и подобра, но основното е секогаш да ми биде забавно – вели Ледецка.
Во машкиот паралел-велеслалом златото му припадна на Бенџамин Карл (36) од Австрија, кој го освои единствениот трофеј што му недостигаше во пребогатата колекција. Петкратниот светски шампион и освојувач на „кристалниот глобус“, кој освои бронза во паралел-слалом во Сочи 2014 и сребро во паралел-велеслалом во Пјонгчанг 2018, стана првиот сноубордер освојувач на три различни олимписки медали.
– Кога бев дете, на 10 години, напишав на лист хартија дека еден ден ќе бидам светски шампион, дека ќе бидам најбрзиот на светот и дека ќе бидам олимписки првак. Ми недостигаше последново, но направив сѐ за да триумфирам во Пекинг – изјави Карл.