Ќе пробаме да создадеме добра хемија, а момците со гордост ќе го носат македонскиот дрес. Ние сме млада, полетна репрезентација и како селектор задоволен сум што имам можност да тренирам ваква селекција, вели Лазаров
Македонската ракометна репрезентација во средата го одржа првиот тренинг во Скопје, а веќе вчера беше предвидено да замине во Стара Пазова (Србија), со што и официјално ги почна подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во Германија, во јануари. Освен голманот Никола Митревски (Порто) и левиот бек Филип Талески (Бенфика), кои имаат клупски обврски во португалското првенство, сите други ракометари од списокот на селекторот Кирил Лазаров беа присутни на првиот тренинг. Во пресрет на ЕП 2024 на 29 декември е предвиден и пријателски дуел со Црна Гора, а во јануари и два меча со Грција, со која Македонија двапати играше неодамна во Солун (Македонија забележа по една победа и реми).
– По смената на генерацијата, најважно беше да не се загуби континуитетот на спортот број еден во нашата држава. Европското првенство го смени форматот и во иднина нема да има лесни противници, сега само две селекции ја поминуваат групата и ќе играат во главната рунда. Немавме среќа при ждрепката, ја добивме Франција, која заедно со Данска е еден од фаворитите за златниот медал, потоа домаќинот Германија и Швајцарија, која можеби е за ниво послаба од другите селекции, оти дури девет Швајцарци играат во германските клубови – вели Лазаров.
За Македонија ова ќе биде осмо ЕП, најдобриот пласман го оствари во 2012 година (петто место).
– Задоволен сум од двата квалитетни пријателски меча со Грција и од дуелите со Турција, Луксембург и со Португалија во квалификациите за ова ЕП. Повикав 19 играчи, се селиме во Стара Пазова, каде што утре ќе ни се приклучи Талески, а два дена подоцна и Митревски. Ќе пробаме да создадеме добра хемија, а момците со гордост ќе го носат македонскиот дрес. Ќе реализираме кратки, интензивни и квалитетни подготовки. Амбициозен сум и верувам во невозможното, иако тоа во моментов не е реална опција. Ние сме млада, полетна репрезентација и како селектор задоволен сум што имам можност да тренирам ваква селекција – рече Лазаров.
На ЕП 2024 титулата ја брани Шведска, која е и најуспешна репрезентација на континенталните шампионати, со пет злата и едно сребро. Г.И.