На изминативе силни турнири, кои се од Г1-формат, од три настапи, за малку повеќе од еден месец, успеавме да освоиме две злата и едно сребро, што само го потврдува моментот на постепен, а јас би додал и темпиран раст на формата на Георгиевски. Но нема да застанеме тука, нѐ очекуваат и Г1-турнирите во Букурешт и во Сараево, а и финалниот гранпри-турнир во Манчестер. Континенталниот квалификациски турнир за ЛОИ е на 24 февруари идната година во Нирнберг, вели тренерот и селектор Борче Костовски
ТАЕКВОНДО – ПО ТРИУМФОТ НА ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ И НА Г1-ТУРНИРОТ ВО ЗАГРЕБ
Најдобриот македонски таеквондист и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Дејан Георгиевски (ТК Бутел), продолжува со одличните настапи на престижните Г1-турнири, откако викендов го освои златниот медал на „Загреб опен“ во Хрватска, во категоријата над 87 кг. Георгиевски прво го елиминира Италијанецот Марко Насо, во полуфиналето беше подобар од Бразилецот Патрик Переира Кардосо, а во финалната борба го совлада Холанѓанецот Брајан Зондероп. Ова е второ злато за Георгиевски овој месец, откако претходно победи и на Г1-турнирот во Тирана (Албанија).
– На изминативе силни турнири, кои се од Г1-формат, од три настапи, за малку повеќе од еден месец, успеавме да освоиме две злата и едно сребро, што само го потврдува моментот на постепен, а јас би додал и темпиран раст на формата на Георгиевски. Но нема да застанеме тука, нѐ очекуваат и Г1-турнирите прво во Букурешт за две недели, па потоа во Сараево, а завршуваме со финалниот гранпри-турнир во Манчестер. Континенталниот квалификациски турнир за ЛОИ е на 24 февруари идната година во Нирнберг – вели тренерот и селектор Борче Костовски.
Селекторот на македонската репрезентација е оптимист дека Георгиевски повторно ќе биде дел од ЛОИ, овој пат во Париз во 2024 година.
– Ние постоиме и тренираме за да обезбедиме олимписка норма. Тоа ни е и главен императив, а секако и македонската спортска јавност го очекува тоа. Прво тоа, а потоа ќе видиме каков пласман ќе направиме на ЛОИ. Секој ден, до моментот до обезбедување на посакуваната олимписка норма, ние сме во тренажен процес, кој секако постепено со текот на времето ќе влезе во особено сензитивна фаза, но за тоа потоа. Што се однесува до освоените олимписки поени, тоа е малку чувствително и комплицирано прашање, оти освојуваме поени, но и ни земаат од ранг-листата по математичка прогресија секој месец, односно проценти на стари поени што сме ги освоиле на ЛОИ – вели Костовски. Г.И.