Додевски, Костовски и Георгиевски на тренинг

Македонските таеквондисти, како и секогаш, се оптимистички расположени и ќе го дадат максимумот пред предизвикот што ги очекува. Сепак, треба да се знае дека ова е предолимписка година, а турнирот во Истанбул е прв годинава, така што македонските таеквондисти во текот на годинава ги очекуваат уште многу настапи на силни турнири, на кои ќе настојуваат да стигнат до посакуваната норма за настап на олимпискиот турнир во Париз, ни изјави селекторот Борче Костовски. Македонската експедиција има шест претставници, Дејан Георгиевски, Филип Додевски, Анамарија Георгиевска, Мила Рељиќ, Сања Поповска и Фросина Рајковска

ТАЕКВОНДО – Г2-ТУРНИР ВО ИСТАНБУЛ, ПРВ ВО ПРЕДОЛИМПИСКАТА ГОДИНА

Македонските таеквондисти и годинава, која патем е и предолимписка, повторно ќе бидат пред големи предизвици, а ќе ја почнат со настап на Президент-купот, турнир од серијата Г2, кој ќе се одржи во Истанбул (Турција) денеска. Македонската експедиција има шест претставници, Дејан Георгиевски (категорија над 84 кг), Филип Додевски (до 87 кг), Анамарија Георгиевска (до 73 кг), Мила Рељиќ (до 62 кг), Сања Поповска (до 57 кг) и Фросина Рајковска (до 46 кг).
– Македонските таеквондисти, како и секогаш, се оптимистички расположени и ќе го дадат максимумот пред предизвикот што ги очекува. Сепак, треба да се знае дека ова е предолимписка година, а турнирот во Истанбул е прв годинава, така што македонските таеквондисти во текот на годинава ги очекуваат уште многу настапи на силни турнири, на кои ќе настојуваат да стигнат до посакуваната норма за настап на олимпискиот турнир во Париз. Сите борби на турнирот во Истанбул ќе се одржат денеска. Првото место носи 20 бода, второто 12, а третото седум – ни изјави селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на ТК Бутел, Борче Костовски.
Најголем македонски адут за медал на турнирот во Истанбул, секако, е Дејан Георгиевски, кој покрај освоеното сребро на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, е и носител на бронза од Европското првенство (ЕП) до 21 година и на злато од сениорското ЕП во 2017-та, потоа на бронза од ЕП (до 21 год.) во 2018-та, сребро од Континенталното првенство во Солун во 2019-та, сребро од ЕП 2020 во Сараево, сребро од Медитеранските игри (МИ) во Тарагона во 2018-та и бронза од МИ во Оран лани, а победил и на повеќе силни меѓународни турнири. Г.И.