Фото: ЕПА

ШАХ

Динг Лирен годинава стана првиот Кинез што ја освоил титулата светски првак, кај жените претходно тоа го сторија шест шахистки, а и во мечот за светската круна што е во тек играат две шахистки од Кина

Кинескиот машки и женски шах е очигледно во подем, оти годинава првпат ќе доминира на светскиот врв, односно ќе биде владетел на светската круна во двете конкуренции. Кај мажите Динг Лирен годинава стана првиот Кинез што ја освоил титулата светски првак, а кај жените претходно тоа го сториле шест шахистки, а и во мечот за светската круна, кој е во тек, играат две Кинезинки, и тоа актуелната шампионка Ју Венјун (од 2018 година) и претендентката Леи Тингџи.

Лирен стигна до титулата по победата за круната со Русинот Јан Непомнијашчи. Кина (мажи), според рејтингот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за јули, е четврта сила во светот (според рејтингот на првите 10 шахисти) со девет велемајстори (ВМ) меѓу првите 100 во светот, а Лирен е моментно четврти во светот според рејтингот (2.780, во јуни беше втор). Екипно први се САД (просечен рејтинг 2.729), следуваат Русија (2.699), Индија (2.694)…

Кај жените поголема е доминација на шахистките од Кина како светски првенки. Досега со светската круна се закитиле Кси Jун, Зу Чен, Ху Јухуа, Хоу Јифан, Тан Жогуи и Вен Јун.

Кина моментно е прва велесила екипно, жени, на јулската рејтинг-листа на ФИДЕ (2.483), пред Индија (2.414) и Русија (2.410). Прворангирана во светот е Јифан (2.628), а меѓу првите 100 на светот има 13 шахистки од Кина во овој месец.
Во мечот за светската круна, кој моментно е во тек (во 12 партии) помеѓу Венјун и Тингџи, по три кола беше нерешено 1,5-1,5 (три ремија), а вчера се играше четвртата партија. Г.И.