Фото: Емил Јовановиќ

Норвежанецот по второто коло е лидер на табелата со три поени

ШАХОВСКИ ТУРНИР ВО НОРВЕШКА

Сите три партии со класично темпо на игра во второто коло на супертурнирот во Ставангер, Норвешка, како и во првото, завршија реми. Бившиот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен, и Французинот Алиреза Фирузја победија со бели фигури во дополнителниот тајбрејк и освоија по 1,5 поен. Карлсен, кој во првото коло го победи Лирен, но во дополнителниот тајбрејк, со втората победа над Американецот Хикару Накамура исто така во тајбрејк, е во водство со три поени, оти ниту еден од играчите што победија на почетокот со забрзано темпо, не ја повторија победата и во второто коло. Зад Карлсен се Динг, Фирузја, Индиецот Прагнананда Рамешбабу, Накамура, сите со по 2,5, а последен е Американецот Фабијано Каруана со два поена. Ланскиот турнир беше со 10 играчи, а Карлсен имаше осум ремија и еден пораз во класичните игри. Тој сега ја продолжи серијата без победа, но затоа ја покажа својата сила во забрзаните партии.
На турнирот настапуваат шестмина, а се игра двокружно (10 кола). Ако класичната партија (120 минути, плус 10 секунди за секој потег по играч, почнувајќи од 41-от) заврши нерешено, се игра дополнителна партија со забрзано темпо (белиот има 10, а црниот седум минути, со зголемување од една секунда за секој по потег по играч, почнувајќи од 41-от), но ако црниот ремизира, тој е вкупен победник и освојува 1,5 поен. Победа во класична партија носи три поени, пораз нула поени, реми во класична и победа во дополните партија 1,5, а реми во класична и пораз во забрзана, еден поен.
Кај жените води Индијката Ваишали Рамешбабу со четири поени, светската првенка Ју Венјун и Леи Тингџие од Кина имаат по три, Украинката Ана Музичук и Пиа Крамлинг од Шведска по два, а Индијката Химпи Конеру 1,5 поени.
Резултати 1. коло: Лирен – Карлсен реми (тајбрејк 0-1), Прагнананда – Фирузја реми (1-0), Каруана – Накамура реми (0-1). Резултати 2. коло: Карлсен – Накамура реми (1-0), Фирузја – Каруана реми (1-0), Лирен – Прагнананда реми (1-0). Г.И.