Фото: Емил Јовановиќ

Норвешкиот велемајстор и поранешен петкратен светски првак во шах Магнус Карлсен во интервју зборува за неговите фаворити на Турнирот за кандидати, неговата иднина во класичниот шах, мотивацијата, турнејата „Шах 960“, во т.н. Фишеров шах или слободен шах, и друго…

ШАХ

Во поткаст-интервјуто, водено од неговите норвешки пријатели Аскилд Брин и Один Бликра Веа, норвешкиот велемајстор (ВМ) и поранешен петкратен светски првак во шах Магнус Карлсен (33) зборуваше за своите фаворити на Турнирот за кандидати за предизвикувач на светскиот првак, кој почнува в четврток во Торонто, неговата иднина во класичниот шах, мотивацијата, турнејата „Шах 960“, во т.н. Фишеров шах или слободен шах, и друго.

„СТАРИТЕ“ МОМЦИ СЕ ФАВОРИТИ ПРОТИВ МЛАДИТЕ

Кандидатите ќе го одлучат предизвикувачот што ќе игра против актуелниот светски шампион, Кинезот Динг Лирен, и не е изненадување што поранешниот светски шампион има намера внимателно да го следи тоа. Тој чувствува дека турнирот со осум играчи може да се подели на два дела, а „старите“ момци се сметаат за фаворити.
– Накамура и Каруана се најдобрите и најконстантни играчи таму. Ако победи некој друг, тоа ќе биде мало изненадување – вели Карлсен.
Карлсен смета дека кај кандидатите недостигаат неколку играчи, особено ВМ Нодирбек Абдусаторов, кој имаше серија импресивни резултати.
– Некои луѓе сигурно недостигаат. Абдусаторов со неговите неодамнешни резултати. Може да зборувате за луѓето како Весли Со, Аниш Гири. Во споредба со другите супертурнири со слична јачина, овде ќе видите повеќе борбен шах – вели Карлсен.
Поранешниот светски шампион абдицираше од титулата светски шампион во 2021 година, велејќи дека нема да се врати во циклусот според сегашниот класичен формат. ФИДЕ го вклучи во составот за Турнирот на кандидати, оти се пласира со освојување на Светскиот куп (СК) во 2023 година, но во јануари Карлсен формално ја одби поканата да учествува. Тој вели дека е среќен што не мора да се подготвува за исцрпувачки натпревар и дека не сака да се врати во циклусот светски шампионат.
– Не се пензионирав. Решив да се повлечам и тоа е во ред, но секогаш ќе биде малку чудно. Но исто така и добро за другите – вели Магнус.

КАРЛСЕН МОЖЕБИ ГО ОДИГРА СВОЈОТ ПОСЛЕДЕН КЛАСИЧЕН ТУРНИР

Карлсен одамна е јасен дека во иднина има намера помалку да се фокусира на играње класичен шах, а повеќе на брзински шах и слободен шах (се нарекува и Фишеров шах поради тоа што го измислил Роберт Фишер и шах 960 поради бројот на варијанти за распоред на фигурите за почетната позиција). Годинава тој го прескокна традиционалниот турнир „Тата Стел“ првпат од 2014 година и само вторпат од 2004 година, а ќе игра на турнирот во Норвешка што се одржува во Ставангер 12-ти пат (27 мај-7 јуни). Карлсен открива дека „ретко го сметал класичниот шах возбудлив“ во последните неколку години и дека можеби последен пат е виден како игра класичен супертурнир.
– Искрено, не сум сигурен дека некогаш ќе играм обичен кружен турнир во класичен шах, како оние на Големата шаховска турнеја – вели Карлсен.
И покрај тоа што имаше два слаби резултата во Катар и во Норвешка, кои го чинеа 35 рејтинг-поени, Карлсен останува број еден во светот во сите три формати (класичен, забрзан и брз шах – н.з.).
– Мојот класичен рејтинг е лош во моментов. Но, генерално, сакам да биде доволно висок за да немам проблем да остане највисок – рече Карлсен.

„ШАХ 960“ НОВА ШАХОВСКА МОТИВАЦИЈА

Карлсен најде нова мотивација со „Шах 960“, ребрендиран како слободен шах од германскиот претприемач Јан-Хенрик Бутнер. Норвежанецот победи на инаугуративниот турнир во Германија во февруари, а неодамна овој двоец ја претстави екстравагантната шаховска гранслем-турнеја во слободен шах на пет континенти, при што првиот турнир ќе се одржа во Индија во ноември.
– Планирам да играм колку што можам повеќе. Едвај чекам да играм. Мислам дека тоа ќе биде одлична нова можност за играчите и за гледачите. Разговарав со Бутнер долго време, исто така и со татко ми. Мислам дека и другите играчи се големи ентузијасти за ова. Некои повеќе од другите, Аронијан на пример – изјави Карлсен.
Тој зборуваше и за тоа колку се различни варијантитете во споредба со нормалниот шах, истакнувајќи дека се влегува во средишница веќе од првиот потег.
– Некако треба да се одлучувате од шаблоните од вообичаениот шах во од. Позициите се толку различни – вели меѓу другото Магнус, кој на прашањето за неговата мотивација, вели: – Сѐ уште сакам да играм. Сѐ уште играм вообичаени онлајн-партии. Тоа е обично добар показател дека сакаш да играш. Многу е забавно да се игра и иако имам помала мотивација за големите турнири, има периоди кога апсолутно сакам да играм шах. Мислам дека имам некои падови, кои ги имав сега кога не играв на турнири или не размислував премногу за отворањата или кои отворања да ги играм – појаснува Карлсен. Г.И.