ШАХ

Одбројувањето до почетокот на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светските шаховски прваци (од 3 до 25 април) во машка и во женска конкуренција за годинава почна со ждрепката, влечена во Торонто (Канада), каде што ќе се играат овие турнири. Во првото коло кај мажите има два дуела со шахисти од иста држава (САД и Индија), а кај жените три (Русија, Кина и Индија). Првпат во историјата и машкиот и женскиот турнир (по осум учесници) ќе се одржат истовремено на исто место, информира Светската шаховската федерација (ФИДЕ). Победниците во двете конкуренции ќе бидат познати по 14 одиграни кола, секој со секого по двапати.
Кај мажите контролата на времето е 120 минути за првите 40 потези и уште 30 минути до крајот, по играч, плус 30 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од 41-от. Победникот ќе добие 48.000 евра, второпласираниот 36.000 евра, третопласираниот 24.000 евра. Дополнително, шахистите добиваат и по 3.500 евра за секој половина поен. Кај шахистките контролата на времето е 90 минути за првите 40 потези, уште 30 минути до крајот, плус 30 секунди за секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Победничката ќе добие 24.000 евра, второпласираната 18.000 евра, третопласираната 12.000 евра. Дополнително, шахистките добиваат и по 1.750 евра за секој половина поен.
Актуелни светски прваци се Динг Лирен и Ју Венјун од Кина. Лирен титулата ја освои лани, а Венјун во 2018 година и трипати ја одбрани, последен пат лани. Г.И.


ДВОЈКИ, 1. КОЛО

МАЖИ
Фабиано Каруана (САД) – Хикару Накамура (САД)
Нијат Абасов (Азербејџан) – Јан Непомнијашчи (Русија)
Алиреза Фирузја (Франција) – Прагнананда Рамешбабу (Индија)
Домарају Гукеш (Индија) – Видит Гујрати (Индија)

ЖЕНИ
Александра Горјачкина (Русија) – Катерина Лагно (Русија)
Ана Музичук (Украина) – Нурѓул Салимова (Бугарија)
Леи Тинџие (Кина) – Тан Жонгји (Кина)
Ваишали Рамешбабу (Индија) – Химпи Конеру (Индија)