ПРЕЗЕНТИРАН ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ

Шахот има неверојатна историја, која датира повеќе од еден милениум. Како една од најстарите игри на табла, шахот е опкружен со традиција и голема историја. Од неговото потекло во Индија до неговата еволуција низ светот, шахот и денес плени стотици милиони луѓе низ светот.
„Историјата на шахот: Влијанието врз нас“ е испреплетен со приказната за неговите најголеми играчи, шампионите, битките со стил, идеите и филозофијата што се водат над таблата уште од првото Светско првенство (СП) во шах, во 1886 година.
Приказната за шахот е раскажана многупати во книги, но досега не е преведена како видеоматеријал. Порталот „Чесс“ со гордост го објави документарецот и потенцира дека за првпат може да се ужива во историјата на шахот како документарен филм посветен на темата: „Историјата на шахот: Влијанието врз нас“.
Од скромните почетоци, таа еволуира во игра што ја знаеме и ја сакаме денес. Се рашири низ целиот свет, а кон крајот на 19 век, играта го имаше и својот прв официјален светски шампион. Овој документарен филм опфаќа сѐ, од првите светски шампиони, преку многуте советски прваци, мечот на векот помеѓу Роберт Фишер и Борис Спаски во 1972 година, па до модерните шампиони.
Документарецот е деветмесечен шаховски проект, кој ја истражува историјата на светските првенства, шампионите во шах и нивните личности, начинот на кој играта се развивала низ годините и како се одразила на шахистите, политиката и светот во кој живееме. Поддржан од истражување на илјадници написи во весници, уметнички дела, историски снимки и слики, документарецот практично ја оживува шаховската историја – пишува специјализираниот шаховски портал „Чесс“.

Документарецот исто така носи извештаи од прва рака од светски шампиони, историчари и истакнати шаховски личности. Светските шампиони, велемајсторите (ВМ) Вишванатан Ананд и Александра Костенјук, предизвикувачот за титулата Најџел Шорт и легендарниот тренер Брус Пандолфини се само некои од експертите што ја споделија својата перспектива за историските шаховски настани и истакнати шахисти.
„Историјата на шахот: Влијанието врз нас“ започнува со кратка историја на играта и како таа се развива во глобален спорт. Потоа ги истражува првото и сите последователни светски првенства во шах. Документарецот, исто така, ги истражува најдобрите шахисти на играта и како тие го обликувале светското првенство низ годините, за конечно да се приклучи на најновиот натпревар за титулата помеѓу ВМ Магнус Карлсен и ВМ Јан Непомнијашчи. Филмот трае 1 час, 14 минути и 38 секунди и вреди да се погледне.

Г.И.