Иако македонските млади џудисти беа поразени, сепак искуството стекнато на овој турнир е мошне драгоцено за понатамошните настапи што ги очекуваат
ЏУДО – „ОПЕН СОФИЈА 2023“
Македонските претставници Еди Шерифовски и Андреј Чакаровски во машка и Теодора Димеска во женска конкуренција, предводени од тренерот Горан Мицкоски, беа дел од меѓународниот Опен џудо-турнир, кој се одржа во бугарскиот град Софија во мошне силна конкуренција на 396 натпреварувачи, од кои 274 мажи и 122 жени од 43 држави од пет континенти, а се одржаа вкупно 438 борби.
Иако македонските млади џудисти беа поразени, сепак искуството стекнато на овој турнир е мошне драгоцено за понатамошните настапи што ги очекуваат. Еди Шерифовски во категоријата до 81 кг, од скопскиот клуб Ипон, загуби од домашниот претставник Александар Јелев со ипон П1. Членот на струшкиот клуб Дрим, Андреј Чакаровски, во категоријата до 90 кг, беше поразен со ипон и вазари П2 од Унгарецот Роланд Хоз, кој на крајот и победи на турнирот. И Теодора Димеска, членка на прилепскиот клуб Сеишин, во категоријата до 48 кг, беше поразена со ипон од Белгијката Лоис Петит.
– Македонските репрезентативци прикажаа просечни борби, односно не беа на ниво на своите можности. Сепак, тие сѐ уште се наоѓаат во подготвителна фаза, во која се чувствува потребата од повеќе борби за да влезат во преднатпреварувачка и натпреварувачка фаза. Но, секако, и овој период мора да се помине за да бидат во посакуваната форма за претстојните натпревари. Треба да се напомене и тоа дека ЏФМ годинава уште од самиот старт создаде подобри услови за сениорите. Да напоменам дека тие беа на Олимпискиот тренинг-камп во Митерсил, каде што учествуваа сите врни џудисти што претендираат за освојување норма за ЛОИ Париз 2024, како и освојување медали на европски и светски првенства, на гран при и гранслем-турнири, каде што секој освојува бодови и се бори за норма за ЛОИ 2024 – вели селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Горан Мицкоски. Г.И.