На Светското првенство, кое ќе се игра до сабота, титулите ги бранат Карлсен, Жонгји и Асаубајева. Вкупниот награден фонд е еден милион долари

ВО УЗБЕКИСТАН ПОЧНА СП 2023 ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ

Во Самарканд (Узбекистан) вчера почна Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах, кое ќе се игра до сабота и на кое ќе настапи импресивен состав од реномирани играчи, актуелни и поранешни шампиони.
Така, на Мундијалот ќе играат актуелниот светски шампион во забрзан и во брз шах и број еден според рејтингот во светот, Магнус Карлсен, потоа поранешните предизвикувачи за светската круна, Јан Непомнијашчи и Фабијано Каруана, Левон Аронијан и други. На СП 2023 за жени ќе се натпреварува актуелната светска првенка Ју Венјун, како и поранешните светски шампионки, Александра Костењук, Марија Музичук, Тан Жонгји, Антоанета Стефанова и други.
СП 2023 во забрзан шах (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој потег) се игра во 13 кола на опен и 11 за шахистките, а годинашниот Мундијал во брз шах (три минути, плус две секунди по секој потег) со 21 коло на опен-турнирот и 17 на турнирот за шахистки. Вкупниот награден фонд е еден милион долари, од кои 700.000 се за опен-турнирите и 300.000 за турнирите за жени.
Титулите освоени на СП во 2022 година во Алмати (Казахстан) ги бранат Карлсен и во забрзан (досега пет пати победил) и во брз шах (седум пати), а кај шахистките Жонгји во забрзан и Бибисара Асаубајева во брз шах, која има две титули во низа.
– Во следните пет дена ќе бидат испишани нови страници од шаховската историја. Многу од најдобрите светски играчи се собраа да се борат за круните во забрзан и во брз шах. Ќе има возбуда и напнатост, но пред сѐ мора да преовладува спортскиот дух. На играчите, организаторите и на сите вклучени во овој настан им посакувам многу среќа – рече претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, пренесе ФИДЕ на својата интернет-страница. Г.И.