Верувам дека со посветена работа и многу вложувања на клубовите во своите поединци ќе успееме во наредните 10 години повторно да се вратиме и да бидеме конкурентни за медали. Да не заборавиме дека сме мала земја со само две активни кугларници и една лига. Можеме, знаеме како треба и веруваме дека околностите ќе одат во полза на ова што го говорам, вели Игор Михајловски, претседател на Кугларската федерација на Македонија

ИНТЕРВЈУ – ИГОР МИХАЈЛОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КУГЛАРСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Игор Михајловски, активен куглар, член на клубот Пелистер 1982, кој е меѓу врвните 20 на национално ниво како играч, на претседателската функција на Кугларската федерација на Македонија (КФМ) е од јули 2022, со мандат до 2026 година. Тој е долгогодишен кугларски тренер, судија и основач на женскиот кугларски клуб Пелистер Пин од Битола. Личниот рекорд му е 606 соборени кегли, постигнат во НБЦ-Купот во Минхен, во 2017 година. Најзначаен екипен успех му е второто место во Македонската кугларска лига, второто место во домашниот Куп, а со женската битолска екипа е шампион две години во низа. Со Михајловски разговаравме по заокружувањето на Светското првенство (СП) во Вараждин (Хрватска).

Како го оценувате настапот на македонските селекции на СП 2023?
– Задоволен сум од тоа што Македонија беше дел од СП во Вараждин, и тоа во полн состав, што не било случај во претходните 10 години. Сметам дека можевме и требаше да бидеме подобро пласирани од деветтото место меѓу 17 селекции. Во моментот се прави анализа на постигнатите резултати и ќе ги почекам извештаите на двајцата селектори. Но во согласност со финансиските услови на КФМ, која 10 години е со блокирана сметка и со нула денари на годишно ниво од Агенцијата за млади и спорт, како претседател на КФМ горд сум на оваа генерација ентузијасти натпреварувачи, кои го зачуваа куглањето и несебично се вложија да успееме достоинствено да ја претставиме својата земја на ова СП. Остварена беше и една убедлива победа над Данска со 8-0, достоен пораз со 3-5 од Србија и со 2-6 од Чешка, а жените загубија со по 0-8 од Германија и од Франција и од Австрија со 1-7. Имавме поединечни успеси, посебно резултатот на Младен Донковски (694 соборени кегли), кој може ќе влезе и во првите 10 на ова СП. Кај жените Андреа Вељаноска успеа да земе поединечен поен против Австрија, селекција што вчера играше во финалето. Поентата е дека имаме свои адути, имаме со што да се гордееме, но за поголеми тимски амбиции и пласман повисоко на пиедесталот, потребни се многу планска и системска работа, соодветни репрезентативни подготовки, зреење на нашите помлади куглари и кугларки, многу силни натпревари и играње на различни кугларници, сето она што во моментот не сме во можност да им го овозможиме на нашите најдобри поединци.
Кои се вашите главни цели како прв човек на македонското куглање?
– Масовност и поголем опфат на нови куглари/ки, поголема конкуренција помеѓу клубовите, повеќе кугларници низ земјата, перманентни обуки за кугларски тренери и судии, повеќе амбиција кај помладите куглари/ки и подостоинствени услови во самите клубови и во КФМ.
Има ли можност да се направи нова кугларница, кога и каде?
– Со мојот тим веќе сме во разговори со повеќе општини и индивидуални инвеститори, кои покажаа интерес за кугларница. Правиме напори да ја вратиме кугларницата во Струга, но темата е комплексна и зависи од повеќе фактори. Она што е битно е дека куглањето е убав, префинет и атрактивен спорт за младите и дека успешната приказна на Општина Битола со добивањето ултрамодерна кугларница треба да ја следат и другите општини, а секако тука најповикана е АМС, од каде што има позитивни реакции, особено за источна Македонија каде што нема ниту еден ваков објект.
Како да се привлечат што повеќе млади момчиња и девојчиња да тренираат куглање и има ли иднина овој спорт во Македонија?
– Тоа е веќе апсолвирана тема. Во Битола се предничи со афирмативни проекти и токму поради тоа има голем интерес кај младите да членуваат во двата битолски клуба (машки и женски), а тоа најдобро се забележува по немањето слободни термини за тренинг. Но веќе и во Скопје почнаа слични проекти, во моментот оди проект што се реализира со Општина Центар, а во преговори сме со уште неколку скопски општини за да се формираат училишни средношколски лиги. Од досегашното искуство, младите брзо се „заразуваат“ со овој спорт, но потребни се стрпливост и вложување во почетниците најмногу со време, ентузијазам и правилен начин на трансфер на љубовта кон куглањето.
Може ли Македонија да го повтори во скоро време резултатот од СП во Залаегерсаг, кога беше освоен сребрениот медал?
– Не верувам дека она што го загубивме последните 10 години ќе може да го надоместиме за година или две. Другите нации сериозно вложуваат во овој спорт, во своите младински категории, зреат куглари и кугларки во националните првенства, но ние немаме избор и веќе интензивно работиме да го надоместиме загубеното. Верувам дека со посветена работа и многу вложувања на клубовите во своите поединци ќе успееме во наредните 10 години повторно да се вратиме и да бидеме конкурентни за медали. Да не заборавиме дека сме мала земја со само две активни кугларници и една лига. Можеме, знаеме како треба и веруваме дека околностите ќе одат во полза на ова што го говорам.
Според вас, има ли шанси куглањето да стане олимписки спорт?
– Тоа е вечна тема и се работи на тоа од страна на меѓународната асоцијација. Во моментот двете светски асоцијации се обединуваат во една, ИБФ, но дали ќе се успее во намерата куглањето да стане олимписки спорт не би можел да кажам. Сепак, класичното куглање е застапено генерално само во Европа, лулка на оваа дисциплина е Германија, а бовлингот е распространет на другите континенти. Колку ќе бидат подготвени за модификации, промени и приспособувања на двете дисциплини, ќе видиме во наредните 5-10 години. Лично не верувам дека во скора иднина класичното куглање ќе прерасне во олимписки спорт, но секако е спорт што треба Европа да го негува како свој традиционален и кој се применува во поголемиот дел од земјите на ЕУ.

[email protected]