Во Маврово не работевме на физички, туку на технички план, оти многумина од нас сезоната ја завршија пред две-три недели, така што повеќе ни требаа допири со топката во различни ситуации и сегменти од играта. Многу трениравме на приемот на сервисот, односно како ќе биде поставеноста на нашата игра во одбраната, блокот два, блокот три, потоа заштитата од напад, приемот на сервис, скок-сервисот од десната и од левата страна…, вели капитенoт на репрезентацијата Ѓоргиев
МАКЕДОНСКАТА ОДБОЈКАРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ДЕНЕСКА ГИ ПРОДОЛЖУВА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЗЛАТНАТА ЛИГА НА ЦЕВ
Македонската одбојкарска репрезентација изминатиот петок го заврши првиот дел од подготовките одржани Маврово, во пресрет на Златната лига на Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ), каде што во групата Б ривали ѝ се селекциите на Белгија, Хрватска и на Украина. Црвено-жолтите треба да го играат првиот натпревар во Златната лига на 27 мај со Украина во Лоѓ (Полска), а првиот домашен дуел е со Белгија, четири дена подоцна, во Скопје. Преостанатите четири меча се играат во јуни, и тоа со Хрватска (на 3 јуни дома и на 14 јуни на гости), Белгија (на 10 јуни на гости) и со Украина (18 јуни дома).
– Презадоволен сум од првиот дел од подготовките, кои седум дена ги одработивме во Маврово под водство на селекторот Јошко Миленковски (по една и пол деценија повторно е селектор на Македонија н.з.), со кого и порано сум работел и на репрезентативен, но и на клупски план во Турција и затоа сум многу среќен. Се надевам дека пред нас претстои нова одлична соработка како што беше и порано – вели капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев.
А на подготовките, на кои во извонредни услови присуствуваа сите повикани играчи, се работело најмногу на технички план.
– Во Маврово не работевме на физички, туку на технички план, оти многумина од нас сезоната ја завршија пред две-три недели, така што повеќе ни требаа допири со топката во различни ситуации и сегменти од играта. Многу трениравме на приемот на сервис, односно како ќе биде поставеноста на нашата игра во одбраната, блокот два, блокот три, потоа заштитата од напад, приемот на сервис, скок-сервисот од десната и од левата страна… Условите во Маврово беа одлични, како и салата во која трениравме, а бевме заедно со женската репрезентација. За првпат во историјата на македонската одбојка, а во која сум јас од 2005 година, имавме и тарафлекс-машина за сервис. Најважно е што сите повикани одбојкари беа присутни и сѐ се заврши добро, нема повредени и подготвени сме од денеска да ги продолжиме подготовките. Во Скопје ќе тренираме до сабота, потоа имаме ден и половина одмор, од понеделник до четврток пак продолжуваме, а во петок заминуваме за Полска на првиот дуел со Украина – појаснува Ѓоргиев.
Хрватска и Украина лани играа на фајналфор-турнирот на Златната лига на ЦЕВ (Хрватска беше трета, Украина четврта), а Белгија во таа конкуренција го освои седмото место.
– Групата на Златната лига на ЦЕВ во која сме и ние е многу силна. Украина, која играше во четврт-финалето со Словенија на СП, односно беше меѓу осумте најдобри, е прв фаворит. Во разговор со нивниот капитен дознав дека ќе играат во најсилниот состав предводени од него. Хрватите групата ја гледаат за воигрување, оти фајналфорот се игра токму кај нив и нема да бидат во оптималниот состав, а ќе отсуствува и нивниот главен играч Марко Седлачек, но кој ќе игра на претстојното ЕП. Белгија, пак, ќе дојде во подмладен состав. Ние сигурно дека уште ја немаме достигнато посакуваната форма, а пех е тоа што нема да одиграме пријателски натпревари. Како што е познато покрај Хрватска како домаќин, првопласираните од секоја од групите одат на фајналфорот – вели Ѓоргиев.
Ѓоргиев е свесен дека Златната лига на ЦЕВ ќе биде пред сѐ како генерална проба за Европското првенство (ЕП) во август и во септември годинава, а Македонија, поточно Скопје е еден од четирите домаќини на ЕП, поточно на групата Ц, во која се Полска, Холандија, Чешка, Црна Гора и Данска.
– Сепак, треба да се знае дека наша цел не е Златната лига, туку ЕП, но нема да калкулираме, туку на секој натпревар во ова лига ќе играме на победа. Иако сме аутсајдери во групата, ние не се чувствуваме така, а секоја прилика што ќе ни се укаже со двете раце ќе ја зграбиме – оптимист е најдобриот македонски одбојкар Ѓоргиев. Г.И.
Сите ги респектираме, од никого не се плашиме
Што се однесува до ЕП што нѐ очекува годинава, мислам дека уште е рано да дадеме поконкретна анализа. Видовме дека во Сребрена лига на ЦЕВ сме во врвот, а во Златната ќе видиме, оти тоа е процес и не може прекуноќ брзо да се реализира. Прво треба да видиме како ќе изиграме на Златната лига на ЦЕВ. Сигурно дека на ЕП во Скопје постојат шанси во дуелите со Данска и Црна Гора. Во секој случај сите ги респектираме, од никого не се плашиме – дециден е Ѓоргиев.
Трето ЕП во низа за Македонија
Македонија е еден од четирите домаќини на годинашното ЕП, заедно со Италија, Бугарија и со Израел. Во Скопје ќе се играат натпреварите во групата Ц, во која се и селекциите на Полска (освојувач на бронза на ЕП 2021), Холандија, Чешка, Црна Гора и Данска, со која Македонија ќе игра во првото коло. Првите четири селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. За Македонија тоа ќе биде трет настап во низа на континенталните шампионати, по дебито во 2019, кога беше освоено 17-то место, и во 2021, со пласман на 23-то место.