Машката селекција ја совлада Белгија со 3-1, а женската загуби со 0-3 од Летонија

ОДБОЈКА – ЗЛАТНА И СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ја совлада Белгија со 3-1 (25-21, 25-23, 17-25, 25-21), за деби-победа во Златната европска лига.
– Белгија е добра репрезентација, физички се одлично подготвени со одличен стратег и затоа оваа наша победа има тежина, што многу ме радува. Против Хрватска не ја прифаќаме фаворитската улога. Мора да бидеме свесни за нашите квалитети. Нема да се исплашиме, ниту да ги потцениме, ниту да ги прецениме. Се надевам дека ќе победиме – вели капитенот Никола Ѓоргиев.
Ѓорѓиев забележа 20 поени, Александар Љафтов 16, Филип Савовски девет…, а кај Белгија, која 17 пати играла на европските првенства, Фере Регерс имаше 20, Матијс Демсет 16 итн. Ова беше 81. победа на Македонија во 182-от меѓународен меч. За Македонија следува дуелот со Хрватска, утре, исто така во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (20.15 ч.). По две кола на табелата води Украина со шест бода, Белгија и Македонија имаат по три, а Хрватска е без бодови.
Женската репрезентација на Македонија го претрпи и вториот пораз во Сребрената европска лига, овој пат во Скопје од Летонија со 0-3 (23-25, 18-25, 18-25). Најдобра кај Македонките беше Тамара Стојанова со 13 поени, а кај Летонија, Марта Камелија Левинска имаше 20. Следниот меч на Македонија е утре, во Скопје, со водечката во групата, Естонија. Во вториот меч од второто коло, Естонија ја совлада Австрија со 3-0. На табелата води Естонија со шест бода, Летонија и Австрија имаат по три, а Македонија е без бодови. Г.И.