Германија освои седум златни, седум сребрени и два бронзени медала, а Велика Британија шест злата и шест сребра, плус осум бронзи
АТЛЕТИКА – ЗАВРШИ ЕП ВО МИНХЕН
Атлетичар(к)ите на Германија се најуспешни на 25. Европско првенство (ЕП) што се одржа во Минхен и на кое настапија 1.540 спортист(к)и од 47 земји, меѓу нив и двајца од Македонија, Дарио Ивановски и Дрита Ислами. Германија освои седум златни, седум сребрени и два бронзени медала, а Велика Британија шест злата, шест сребра, плус осум бронзи.
Новокрунисаната европска шампионка на 100 метри, Германката Џина Лукенкемпер, на последниот настан на ЕП, во штафетата 4×100 метри, го освои второто злато. Британската четворка го освои сребрениот медал, поради малата грешка и лошото предавање на штафетата во првата измена.
– Да ми кажеше некој пред првенството дека ќе се вратам дома со два златни медала, ќе му кажев дека е луд – рече Лукенкемпер.
Во машката штафета 4х100 метри, златниот медал од минатото ЕП 2018 го одбрани Велика Британија, со нов рекорд на шампионатите (37,67 секунди), соборувајќи го претходното најдобро време на Франција (37,94 секунди) поставено на ЕП во Сплит 1990 година.
Во трката на 800 метри, светскиот шампион во сала, Шпанецот Маријано Гарсија, забележа личен рекорд (1:44,85 минути) и победи пред Британецот Џејк Вајтман (1:44,91), светскиот шампион на 1.500 метри од Јуџин, САД. Украинката Јарослава Махјучик, светската шампионка во сала, олимписката и светската сребрена медалистка, триумфира во скок во височина со 1,95 метар. За Махјучик, која беше европска првенка во младите категории, ова е прва голема титула на отворено.
Во трката на 10 км, Италијанецот Јеманеберхан Крипа, по потекло од Етиопија, ја оправда фаворитската улога и на Италија ѝ го донесе првото европско злато на 10 км по 32 години и триумфот на Салваторе Антибо во Сплит 1990 година.
Холанѓанката Фемке Бол освои три злата на ЕП во Минхен, на 400 метри, на 400 метри со пречки и во штафетата 4х400 метри. Со тоа Бол (22) си обезбеди место во спортската историја на својата држава и потсети на подвигот на славната сонародничка Фани Бланкерс-Коен, која беше прогласена за спортистка на 20 век на Холандија. Таа на ЕП 1950 година во Брисел освои три злата, на 100, 200 и на 80 метри со пречки и сребро во штафетата 4×100 метри. Две години порано на ЛОИ 1948 во Лондон, Бланкерс-Коен освои четири злата во тие дисциплини. Л.Д.