Како што пишува Светската шаховска федерација, ја нема повеќе гранпри-серијата, а втората главна промена се состои во зголемување на бројот на квалификациски турнири за СП од два на три. Осум играчи ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите во 2024 година

ШАХ

Советот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) одобри голема реформа на квалификациските патеки за пласман на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак. Главна иновација е создавање нов квалификациски пат преку различни турнири. Турнирите што исполнуваат одредени критериуми ќе бидат бодувани од Светската шаховска федерација.
Така, како што пишува ФИДЕ, ја нема повеќе гранпри-серијата. На турнирите што исполнуваат одредени критериуми, како на пример да се играат со стандардна временска контрола, надгледувани од меѓународни арбитри и каде што се применуваат мерки за ферплеј, ќе се доделуваат ФИДЕ-поени. Играчите со повеќе поени на крајот на 2023 година ќе го добијат посакуваното место на најпрестижниот од сите шаховски турнири.
Втората главна промена се состои во зголемување на бројот на квалификациски турнири од два на три. Тоа би довело до дополнително место, што секако би донело и поголем интерес за натпреварите за третото и четвртото место.
Осум играчи ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите во 2024 година според следниве критериуми: прво, второпласираниот од натпреварот за светската титула (Јан Непомнијашчи или Динг Лирен, финалисти на мечот за титулата во 2023 година), потоа првите тројца од Светското првенство в година во Баку, потоа двајца играчи што ќе завршат на првото и на второто место на гран-турнирот во Ман (по швајцарски систем), еден шахист со највисоки резултати во текот на една година (2023) на турнирите на ФИДЕ, еден шахист со највисоко оценет стандарден рејтинг заклучно со 1 јануари 2024 година, под услов играчот да одиграл најмалку четири турнири што ги исполнуваат условите според одредените критериуми.
Притоа официјално прифатливи турнири се државните првенства или турнири на Светската шаховска федерација, како и континенталните првенства. Во случај на израмнетост во конечниот пласман на играчите, ќе се отстрани најнискиот резултат на турнирот што бил вклучен во пресметката на конечниот резултат на шахистот. Ако ова не успее да го реши нерешениот резултат, тогаш овој процес ќе се повторува додека се прекине низата. Светската шаховска федерација ќе ја ажурира и објавува рејтинг-листата на неделно ниво. Г.И.