Приклучувањето во ваква престижна спортска организација како членка е одлична можност за уште повеќе да се подобри управувањето со ФИДЕ, оти има највисоки стандарди во спортската индустрија, вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович

ШАХ

Неодамна на своето генерално собрание, Глобалната алијанса за интегритет на спортот (СИГА) едногласно ја одобри апликацијата на ФИДЕ да стане полноправна членка на организацијата. СИГА е независна непрофитна организација, која е основана со една цел, да се осигури дека спортската индустрија е управувана според највисоките стандарди за интегритет, ослободена од каква било форма на неетички, недозволени и криминални активности, зачувување на спортските вредности и обезбедување на неговото позитивно влијание и придобивки за сите граѓани – информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Приклучувањето во ваква престижна спортска организација како членка, е одлична можност за уште повеќе да се подобри управувањето со ФИДЕ, оти има највисоки стандарди во спортската индустрија. Благодарни сме што нашето членство е едногласно одобрено на нивното генерално собрание и ќе направиме сѐ за да ги исполниме нивните барања – изјави претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Основана во 2017 година, од 20 големи спортски организации (спортски тела, влади, антикорупциски невладини организации, меѓувладини организации и комерцијални партнери), денес СИГА е најголемата независна и неутрална коалиција со повеќе засегнати страни во спортското управување и интегритет. Со над 100 члена, посветени поддржувачи и партнери од светот на спортот, меѓународни организации, бизнисот и граѓанското општество, СИГА спроведува мисија во четири клучни области. А тие се: добро владеење во спортот, финансиски интегритет и транспарентност во спортот, интегритет во спортското обложување и развој и заштита на младите. Г.И.