Тој ги собори рекордите на Шумахер и на Фетел за најмногу победи во една сезона и рекордот на Хамилтон за најмногу поени во една година
ФОРМУЛА 1
Макс Ферстапен вели дека не го интересира статистиката, но знае доволно за неа за да ја разбере големината на она што го постигна на трката за големата награда на Мексико Сити, пишува „Би-би-си“. Со 14-та победа во една година, возачот на Ред бул постави нов рекорд на Формула 1, соборувајќи го рекордот за победи во една сезона, првпат поставен од Михаел Шумахер со Ферари во 2004 година, девет години подоцна, претходникот на Ферстапен во Ред бул, Себастијан Фетел го израмни достигнувањето на неговиот херој во 2013 година, и сега, уште девет години подоцна, Ферстапен го урна рекордот, а има шанса да го однесе уште повисоко на последните две трки сезонава, пишува „Би-би-си“.
– Ова е само неверојатна сезона за тимот. Никогаш не мислев дека ќе можам да победам на 14 трки во една година. Никогаш не ме интересираше статистиката. Јас само живеам во моментот. Едноставно, се трудам да дадам најдобро што можам секој викенд, да победувам на трките. Тоа за мене е најважно, да си одам дома и да кажам дека максимизирав сѐ. Но, Ф1 многу зависи од вашиот пакет и јас само уживам во моментот. Тоа е неверојатна сезона и многу сум среќен што победив на толку многу трки – рече Ферстапен.
Тој го собори и рекордот за најмногу поени во една сезона (сега има 416), поставен од Луис Хамилтон во 2019 година (413).
– Станува збор за обидот да се освои шампионатот и не е важно со колку бодови, но тоа покажува дека имаме неверојатна година – рече Ферстапен.