ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Белгиецот Ремко Евенепул (22) на победата на шпанската Вуелта ѝ ја придодаде и титулата светски шампион во друмски велосипедизам, со спектакуларно соло-возење на делницата долга 266,9 км околу крајбрежниот град Волонгонг (Австралија).
– Прекрасно е вака да заврши една долга сезона – изјави Евенепул по големиот тест за издржливост на трката што траеше 6,16 часа.
Евенепул тргна во напад на 35 км пред целта, а го следеше само Казахстанецот Алексеј Луценко, кој се откажа на искачување на завршните девет километри. Евенепул стана првиот белгиски велосипедист светски првак по Филип Жилбер во 2012 година. Евенепул победи на две големи трки годинава, на Вуелта и на еднодневниот „класик“, Лиеж – Бастоњ – Лиеж. Бранителот на титулата, Французинот Жилијан Алафилип беше 51., а Словенецот Тадеј Погачар, двократниот победник на Тур де Франс, во 2020 и 2021-та, беше 19-ти. Л.Д.