Уверен сум дека милиони гледачи низ светот ќе уживаат во овој настан, но преку него и ќе откријат како шахот ги тера луѓето да се борат за нешто важно. Се надевам дека овој настан ќе им даде мотив на милиони деца да играат шах, да го користат шахот како алатка за да се подобрат, да бидат подобри луѓе и да го направат светот подобро место, рече на церемонијата на отворањето претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович

ПОЧНА МЕЧОТ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК

Со првата партија од предвидените 14, вчера во Астана (Казахстан) почна мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени, моментално втор во светот) и Кинезот Динг Лирен (2.788, рангиран трет), откако досегашниот светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, одлучи да не ја брани титулата. На церемонијата на отворањето присуствуваа двајцата претенденти, претседателот на Шаховската федерација на Казахстан, Тимур Турлов, претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, и други високи претставници и гости.
– За двајцата ова е настан што го чекаат цел живот. Ќе биде многу неизвесно. Тие ќе ги дадат целиот свој талент и вештина за да победат. Уверен сум дека милиони гледачи низ светот ќе уживаат во овој настан, но преку него и ќе откријат како шахот ги тера луѓето да се борат за нешто важно. Се надевам дека овој настан ќе им даде мотив на милиони деца да играат шах, да го користат шахот како алатка за да се подобрат, да бидат подобри луѓе и да го направат светот подобро место – рече Дворкович.
Предноста на првиот потег му припадна на Непомнијашчи, но тој го минимизира тоа, велејќи: „Белите не се лоши, но и црните се добри“.
Турлов ја истакна важноста на настанот за младите во неговата земја, а во писмото упатено до играчите и до публиката, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, истакна дека шахот се учи во приближно 700 училишта во Казахстан, објави ФИДЕ на својата на интернет-страница.
Запрашан за тоа колку е важно искуството што го има од еден финален меч, Непомнијашчи кратко одговори: „Важно е, но не е сѐ, па не би го преценил тоа“. За тоа какви промени направил во својата стратегија во споредба со мечот против Карлсен во 2021 година, тој беше многу краток: „Прерано е да се открие“. Непомнијашчи потврди дека неговиот тим од секунданти е засилен со нови членови и се надева дека тоа ќе му обезбеди некои новитети во мечот.
– Што се однесува до мојата тимска подготовка, повеќе би сакал да не изложувам ништо. Некои од членовите на тимот се со мене долго време, но имам некои нови членови, па се надевам дека мојата подготовка е подобрена – истакна Јан.
За својот идол, рускиот велемајстор има само еден избор.

– Кога имав пет или шест години, многу го сакав Аљехин, првиот руски светски првак. Имам тенденција да мислам дека во основа можеш да научиш од кој било шахист, вклучувајќи и од светските шампиони, но не мора само од нив – објасни Русинот.
Лирен исто така одговараше на поставените прашања.
– Понекогаш размислувам да станам првиот кинески светски шампион и со тоа да го запишам моето име во шаховската историја. Ако можам да го направам тоа, ќе биде огромeн успех – вели тој.
Лирен истакна дека многу луѓе во Кина почнале да го следат шахот токму поради овој меч, но и призна дека е изненаден што Карлсен не ја брани титулата. Тој потврди дека неговиот тим вклучува луѓе што се во Астана, но и оние што работат од далечина и дека во Казахстан има помалку секунданти со него отколку на Турнирот на кандидатите во Мадрид. За својот идол, Лирен даде подетален одговор.
– Имам четворица: Гари Каспаров, кога бев многу млад уживав во неговите игри и книги. Втор е Франциско Ваљехо Понс, трет е Веселин Топалов. Тоа беше кога бев тинејџер. А последен е Карлсен, оти е најдобар меѓу нашата генерација и многу научив од него – рече Лирен. Г.И.