Имавме неколку часа дожд, а потоа влажен снег, па површината беше премногу мека за да гарантира безбедна трка, рече шефот на трките на ФИС, Питер Гердол, за одложениот велеслалом за жени. Дождот е причина за одложување и на првите меѓугранични спуст-трки за мажи претстојниов викенд

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Првата трка од воведниот викенд на Светскиот куп (СК) во алпско скијање во Зелден (Австрија), велеслаломот за жени, во саботата, беше откажана поради временските услови, кои не беа погодни за безбедна трка, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Имавме неколку часа дожд, а потоа влажен снег, така што површината беше премногу мека за да гарантира безбедна трка. Одлуката беше мошне лесна кога ја видовме прогнозата. Затоа решивме да ја откажеме – рече шефот на трките на Интернационалната скијачка федерација, Питер Гердол.
Велеслаломот ќе биде презакажан за друг датум. Трката за мажи се одржа во неделата, а победи актуелниот шампион во СК, Швајцарецот Марко Одермат, пред Жан Крањец од Словенија и Хенрик Кристоферсен од Норвешка.
Дождот е причина за уште едно одложување во програмата за СК, за првите меѓугранични трки во спуст, со старт во Швајцарија и со цел во Италија.

И покрај најголемите напори и неуморната посветеност од организацискиот комитет, машките спуст-трки на т.н. Отворање на сезоната на брзината Матерхорн-Червино се откажани во саботата, по последната проверка на снегот од директорот на трката, Ханес Тринкл, и од помошникот Рајмунд Планкер поради недостиг од снег и безбедносната состојба на патеката, пишува ФИС. Тие трки беа предвидени за 29 и 30 октомври. Сепак, организаторите продолжуваат да работат со полна брзина за да можат да се одржат планираните трки за скијачки на 5 и на 6 ноември, пишува ФИС. Контролата на снегот за машката трка покажа дека делот од глечерот е подготвен за трки, но на долниот дел од патеката врнеше силен дожд, по што од крајот на глечерот до целта, патеката не е подготвена за трки, а не е загарантирана ниту безбедноста за спортистите, пишува Интернационалната скијачка федерација. Контролата на снегот за спуст-трките за жени треба да се одржи утре.