По 37 години откако е пуштена во употреба во 1986 година, целосна реконструкција ќе доживее спортската сала „Јанчица“ во Кичево, каде што во изминатите безмалку четири децении се одржаа безброј спортски натпревари и културни настани и беше спортски епицентар во градот.
– Со темелната реконструкција, која почна да се реализира во минатиот понеделник, спортска сала „Јанчица“ во Кичево ќе добие сосема нов изглед. При овој зафат ќе биде поставен нов паркет на подлогата, нови столчиња на двете трибини, ќе се реновираат соблекувалните и санитарните јазли, целосно ќе биде сменет и покривот на салата, каде што ќе бидат инсталирани фотоволтаици од кои салата во голем дел од годината ќе се снабдува со електрична струја. Првпат салата ќе се затоплува со помош на топлински пумпи, кои ќе бидат поставени во објектот. Целосната реконструкција ќе биде заокружена со партерното уредување и осветлување околу салата. Со овој зафат спортската сала ќе одговори на потребите и за меѓународни спортски натпревари – рече Лупче Матески, раководител од компанијата изведувач „Ас Сењак“ од Кичево.
Оваа сала ќе биде запишана во поновата историја на земјава како спортски објект каде што женската ракометна репрезентација на независна Македонија го одигра првиот официјален меч, во 1992 година, кога за противник ја имаше селекцијата на Литванија. Тука се одржаа и боксерското првенство на Македонија во 1997 година, повеќе првенства во гимнастика и многу други спортски натпревари, како и меѓународни клупски ракометни натпревари со екипи од странство. З.А.