Порано бев класичен пливач, но барав некој попривлечен спорт, оти пливањето некако ми стана здодевно, а сепак нешто што би било пак поврзано со него. Па така, тренерот по пливање еден ден ме пријави на триатлон како почетник за да видам како ќе се снајдам во овој спорт. Тоа се случи во 2019 година, кога и ја завршив мојата прва трка. Тогаш едноставно сфатив дека овој спорт многу ме привлекува и дека сакам и понатаму да се занимавам со него, но на многу попрофесионален начин. Крајна цел ми е да настапам на Летни олимписки игри, вели Делев, македонскиот јуниорски шампион во акватлон и во дуатлон
СТЕФАН ДЕЛЕВ, НАДЕЖЕН МАКЕДОНСКИ ТРИАТЛОНЕЦ
Со триатлон, спорт што се состои од три поврзани спортски дисциплини, пливање пет километри, возење велосипед 19,86 км и трчање пет км, се занимава од пред три години, стипендист е на Агенцијата за млади и за спорт (АМС) и на Министерството за образование, а лани беше на Македонскиот олимписки комитет (МОК). Со 19 години, Стефан Делев е годинашен шампион на Македонија во акватлон (поврзано пливање и трчање по пет км) и триатлон во јуниорска конкуренција, но е на чекор да биде и во триатлон, односно го дели уште една победа.
Покрај триатлон, Делев се натпреварува и во дуатлон, кој се состои од трчање, возење велосипед и пак трчање.
– Во годината имаме три државни првенства во триатлон, но се бодува само едно на нашата ранг-листа. Тоа беше во Дојран, а првенствените трки во Скопје и во Струга не се земаа предвид иако се одржаа. Се надевам дека ќе бидам и во дуатлон прв, оти до крајот имам уште една трка на 12 октомври и доколку победам во мојата категорија би станал шампион на Македонија. Во сениорска конкуренција не се натпреварувам, оти не сум конкурентен, поточно таму се тие што се родени во 2003 и постари, а јас сум роден во 2004 година. Во таа сениорска конкуренција влегувам од следната година – вели Делев, кој додава дека во нормални услови една трка трае обично еден час, но може да има дистанци што се подолги, а со тоа и трките да траат и подолго.
На 23 и на 24 септември ќе настапи на Балканското првенство (БП) во Бар (Црна Гора) заедно со Иван Трпчевски и со Магдалена Станковска во конкуренција на натпреварувачи од 11 држави. За таа цел тие тројца беа и на подготовки во Русе (Бугарија).
– Во Бар очекувам да ја завршам трката меѓу првите десет, што би претставувало успех за мене. Времето што ќе се постигне таму зависи од поставеноста на патеката, така што не може да се каже дали притоа ќе поставам некој нов личен или државен рекорд, оти тие рекорди се постигнуваат само ако се натпреваруваш на места каде што патеките биле исти како и претходната година. На пример, само ако оваа патека во Бар биде иста и на следната трка во истиот град. Неодамна имав трка на Европскиот јуниорски куп во Загреб, каде што го освоив 61-то место со време од 59 минути и 55 секунди, но тоа не може да се земе предвид како мој личен рекорд, поради различната поставеност на патеката минатиот пат – вели Делев, кој е член на ТК Софка од Скопје.
Делев ја имал првата трка во 2019 година.
– Порано бев класичен пливач, но барав некој попривлечен спорт, оти пливањето некако ми стана здодевно, а сепак нешто што би било пак поврзано со него. Па така, тренерот по пливање еден ден ме пријави на триатлон како почетник за да видам како ќе се снајдам во овој спорт. Тоа се случи во 2019 година, кога и ја завршив мојата прва трка. Тогаш едноставно сфатив дека овој спорт многу ме привлекува и дека сакам и понатаму да се занимавам со него, но на многу попрофесионален начин. Крајна цел ми е да настапам на Летни олимписки игри. За Париз листата веќе направена, а таа се формира во зависност од освоените бодови, а за Летните олимписки игри фигурираат првите 75 триатлонци – вели Делев.
Тој е мошне посветен на триатлонот и настојува сите задачи да ги извршува целосно.
– Секако, тешко е да тренира триатлон. Тоа го правам двапати дневно, а тренинзите ми се различни, односно зависат од програмата што ми е изготвена од тренерот. Така, некогаш наутро почнувам со пливање, некогаш со возење велосипед, а некогаш со трчање. Обично станувам во шест часот, во седум сум веќе во базенот, ако е тоа според програмата, а си легнувам околу 22 часот – вели тој.
Делев е задоволен од условите за тренирање триатлон во Македонија.
– За разлика од некои други држави, условите кај нас се солидни, а натпреварите ни се организираат на повисоко ниво. Е сега многумина не знаат за овој спорт, оти познато е дека кошарката, ракометот, фудбалот се многу попопуларни, па затоа сметам дека е потребно да се има повеќе информации за триатлонот, односно да се афирмира и популаризира што е можно повеќе во јавноста. Во Македонија има вкупно околу 40 регистрирани триатлонци во сите категории, кои навистина се трудат да постигнат што подобри резултати. Се надевам дека во иднина ќе има ги има уште повеќе. На младите што ги привлекуваат пливањето, возењето велосипед и трчањето им препорачувам да си дадат шанса и да видат како е, односно да се испробаат во овој необичен спорт, чија сезона трае од април до крајот на октомври. Зимскиот период повеќе се користи за тренирање во фитнес-центар, за во летниот период да се оди на што поголема експлозивност во настапите – вели Делев, кој е студент на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство.