Младите се сметаат за движечка сила во една држава

Младите се сметаат за движечката сила во една држава. Но колку ним истовремено им се овозможуваат реални квалификации, знаење и вештини за нивната идна професија? Колку младите по завршувањето на образовниот процес се подготвени да одговорат на пазарот на трудот и да се себевалоризираат? Дали е потребна стратегија за менување на целиот образовен систем во кој би биле вклучени практични предмети? Дали стагнирањето на образовниот процес и застарениот образовен систем се наш домашен ексклузивитет или, пак, тоа е карактеристика за целиот наш регион и опкружување?

Образованието оценето со двојка од младите, какво образование посакуваат тие?

Поразителни резултати покажа едно истражување во Србија за тоа колку младите се задоволни од тамошниот образовен систем. Огромно мнозинство од младите во Србија сметаат дека тоа е најголемиот проблем во државата.
Во Македонија такво поголемо истражување изминатиот период не е правено, но општата оцена од нашата спроведена анкета и новинарско истражување е дека и нашиот образовен систем е со слаби оцени за квалитет, дадени токму од средношколците и студентите. Младите се сметаат за движечката сила во една држава. Но колку ним истовремено им се овозможуваат реални квалификации за нивната идна професија?
Колку младите по завршувањето на образовниот процес се подготвени да одговорат на пазарот на трудот?
Дали е потребна стратегија за менување на целиот образовен систем во кој би биле вклучени практични предмети? Дали стагнирањето на образовниот процес и застарениот образовен систем се наш домашен ексклузивитет или, пак, тоа е карактеристика за целиот наш регион и опкружување?

Примери од соседството: Застарени методи со немање вештини за пазарот на трудот

Во Србија, на пример, како што покажуваат податоците од Алтернативниот извештај за положбата и потребите на младите за 2023 година, повеќе од 60 отсто од нив сметаат дека образовниот систем е она што најмногу ги мачи.
Просечната оценка беше 2,71, што е помал процент во однос на минатата година, 2.83. Процентот на незадоволни (оценки 1 и 2) е повеќе од 44 отсто, додека претходната година изнесуваше 41 отсто.
Милица Борјаниќ, од организацијата на младите на Србија што го спроведе ова истражување, вели дека образованието се покажало како еден од најголемите проблеми, иако извештајот ги собрал сите официјални податоци што се собираат за младите и кои зборуваат за нивната позиција, но и за нивните навики и ставови и проблеми.
– Забележливо е дека младите се незадоволни од образовниот систем, а нашата желба беше да дојдеме до најверодостојни податоци и најпродлабочена статистика. Организиравме и младински фокус-групи, каде што разговаравме на оваа тема. Првите асоцијации на младите од образованието се главно негативни. Најмногу се жалат на премногу затворен систем во кој нема простор за критичко размислување, како и недоволно учење за вештините што им се потребни за навигација на пазарот на трудот. Немаат доволно пракса и материјалот го сметаат за застарен – вели Борјаниќ.
Така, преминот од образовниот систем на пазарот на трудот е многу тежок за нив. Затоа, тоа дополнително повлекува потешка независност.
Борјаниќ истакнува дека преку разговор со младите добила впечаток дека тие се многу заинтересирани за неформално образование, како и дека е забележлива разлика помеѓу големите и малите заедници, каде што младите немаат исти можности како нивните врсници во градовите, токму кога станува збор за можностите за стекнување неформално образование.
– Според нивните одговори, не е под прашалник стручноста на нашите предавачи, туку начинот на работа. Впрочем, 60 отсто од нив велат дека се подготвени за преквалификација. Дури и додека се во образовниот систем, веќе ја гледаат потребата од преквалификација. Тие јасно разликуваат што треба да учат и што сакаат, што треба да прават и што ќе им донесе подобар живот. Треба да се истакне дека не сите имаат еднакви можности и некои едноставно немаат средства да го продолжат своето образование на факултетите – вели таа.
За да промениме нешто, според неа, мора да тргнеме од заклучокот дека образовен систем е затворен и дека е најтешко да се промени, мора да го отклучиме, за младите да се стекнат со вештини што ќе им помогнат во иднина.

Како кај нас младите низ образованието да бидат во чекор со својата генерација од земјите со стабилни образовни системи

Анисија Угриновска, претседателка на ОДАС – средношколска и студентска организација, и младинска делегатка за земјата во Обединетите нации, вели дека пред сѐ средношколците и студентите се грижат да бидат активни учесници во образовниот систем и затоа континуирано спроведуваат анкети околу квалитетот на образованието и неговите елементи.
– Според истите тие, најголем дел од средношколците не се задоволни со квалитетот на образовниот систем, но веруваат дека постепено може да се дојде до подобрување. Исто така, во однос на државната матура за 2023 година, 62 отсто од анкетираните средношколци се изјаснија дека условите за учење во минатите четири години го отежнаа успешното полагање на истата таа. Дополнително, имаме спроведено анкети за иселувањето на младите, начини на подобрување на образованието, корупцијата во училиштата и слично, на кои учествуваа голем број средношколци. Во овој контекст, важно е да се напомене дека, како и минатата така и оваа година, ОДАС ќе биде организатор на Националниот средношколски самит 2023 (НСС23), кој втора година по ред е најголемиот настан за застапување на средношколските интереси. Самитот има за цел да ги идентификува и да им даде приоритет на клучните прашања и предизвици што ги засегаат средношколците на национално ниво. Крајната цел на НСС23 е да се формулираат јасни резолуции за ефективно да се решат овие проблеми. Датумот на одржување на НСС23 ќе биде објавен навремено, а во меѓувреме ги покануваме сите средношколци да бидат во тек со нашите активности, да се подготвуваат за најголемиот средношколски настан на годината и да бидат #вочекорсогенерацијата – објаснува Угриновска.
Душан Стевановски, претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, вели дека досега не правеле конкретни истражувања на темата, но посочува и дека генерално размислувањата на младите одат во слична насока на размислувањето на младите во Србија.
– Секако дека повеќе би сакале наставата на факултетите да се насочи на практична настава, секако во доменот во кој тоа е возможно. Да не биде сѐ само голо учење на лекциите наизуст. Сепак, времињата се менуваат, се менува и деловното функционирање во бизнисот, а тоа не може секогаш да се научи од книга. Главно, студентите праксата досега ја учеле на првото работно место. Што е многу доцна. Но последните години на нашиот универзитет разговараме со професорите и работите се движат во нагорна линија. Се прави соработка со бизнис-заедницата, со цел студентите да посетуваат практична настава. Барем така е со Економскиот факултет на универзитетот. Свесни сме за реалната состојба и целта е да одиме напред и да не заостануваме зад другите образовни институции во нашето соседство – посочува Стевановски.

Се намалува бројот на основци и средношколци: Со квантитетот се намалува и квалитетот?!

Првпат годинава бројот на запишани првачиња во основните училишта е паднат под 20.000, а трендот на намалување на првачињата трае веќе неколку години.
Следствено на тоа се намалува и вкупниот број на основци во земјата. Така, ако во учебната 2019/2020 бројот на ученици во основното образование изнесувал 187.240, денес, пет години подоцна, оваа бројка изнесува 185.000, што претставува намалување за 2.240. Она што е важно да се нотира, исто така, е и фактот дека на почетокот на секоја учебна година има за околу 1.000 ученици во основно образование повеќе одошто има на крајот на учебната година. Тоа значи дека во текот на учебната година тие ученици го напуштиле училиштето и се иселиле од државата.
На крајот на учебната 2021/2022 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 184.910, што е намалување за 0,6 отсто во однос на претходната година, а во редовните средни училишта, бројот на ученици на крајот на учебната 2021/2022 година е изнесувал 69.378, што е намалување за 2,5 отсто во однос на претходната учебна година.
Вкупно 53.821 студент биле запишани во академската 2022/2023 година на високообразовните установи во земјава, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во согласност со извештаите, бројот на студенти во оваа академска година е поголем за 4,2 отсто во однос на запишаните студенти во претходната. Најголем дел од студентите, или 77,7 отсто, се запишале на државните високообразовни установи, додека 22,3 отсто се запишале на приватен факултет.