Во Атина, во 1977 година, Украинецот Сергеј Бубка на спектакуларен начин ги заврши настапите на светските првенства со шест злата, додека Мароканецот Хишам ел Геруж зачекори на патот на славата. Во Севилја беа постигнати два светски рекорда. Едмонтон резултатски е најсиромашно СП

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (3)

Светското првенство (СП) во Атина, инаку шесто по ред, беше прво на кое не беше соборен ниту еден светски рекорд! Меѓутоа, првенството ќе биде запаметено по првиот триумф на Мароканецот Хишам ел Геруж на патеката од 1.500 метри, на која успеа да триумфира и на следните три шампионати, па така и денес, бидејќи е и светски рекордер на оваа делница, со време од 3:26,00 минути (рекорд поставен во 1998 во Рим), го носи епитетот најдобар тркач на средните патеки.
Ел Геруж, кој претходната година имаше несреќен пад на олимписката трка во Атланта, овде ги декласира противниците, меѓу кои беше и трикратниот светски првак, Алжирецот Нуредин Морсели, дотогаш првиот ас на 1.500 метри. Морсели ја заврши трката дури на четвртата позиција, додека Мароканецот водеше голема борба со Шпанците Фермин Качо, олимпискиот победник од Барселона, и секогаш опасниот Рејес Естевез. Во еден момент тој се најде во „сендвич“ меѓу двајцата Шпанци, но, сепак, успеа да се извлече од непријатната позиција и прв мина низ целта. Втор беше Качо, а трет Естевез, кој и на следното првенство пред своите гледачи во Севилја ја заврши трката на истата позиција, односно повторно зад Ел Геруж, но овој пат и зад Кениецот Ноа Нгени.
Во Атина Украинецот Сергеј Бубка на спектакуларен начин ги заврши настапите на светските првенства. Тој во главниот град на Грција во низа ја освои шестата светска титула во скок со стап, што претставува голем подвиг. Бубка, кој долги години беше супериорен во својата дисциплина, дури 35 пати ги соборуваше светските рекорди во сала и на отворено!
На ова СП, кое се одржа на олимпискиот стадион „Спиридон Луис“ (по името на првиот олимписки победник во маратонската трка), стартуваа 1.785 атлетичари од 197 држави. Особено спектакуларно беше свеченото отворање на стариот олимписки стадион „Партенон“, во срцето на Атина, на кое гледачите имаа можност да ги видат и чујат изведбите на славните музички ѕвезди, композиторот Микис Теодоракис и оперската дива Монсерат Кабалје.

СЕВИЛЈА: ЏОНСОН КАКО НА КРИЛЈА ДО СВЕТСКИ РЕКОРД

Во Севилја, на седмиот собир на најдобрите светски атлетичари, беа постигнати два светски рекорда. Трката на 400 метри му припадна на феноменалниот Американец Мајкл Џонсон. Тој се очекуваше да победи, а ова беше негова четврта светска титула, но во топлата Андалузија тој стана и светски рекордер. Ја претрча делницата за 43 секунди и 18 стотинки и го детронизира дотогашниот тркач број еден во оваа дисциплина, сонародникот Бач Рејнолдс. Ова беше трка за паметење и за атлетската историја. Гледачите што одлично ја познаваат атлетиката почувствуваа дека е нападнат светскиот рекорд и во финишот со френетичното навивање како да го понесоа на крилја Американецот.
Сепак, најуспешен атлетичар на првенството беше Морис Грин, кој освои три златни медали, на 100, 200 и во штафетата 4х100 метри. Грин својот поход го најави уште во Атина, кога го освои првото светско злато на 100 метри.
За првпат овде се одржа и натпревар во скок со стап за жени. Првата титула ја освои Американката Стејси Драгила со нов светски рекорд од четири метри и 60 сантиметри. Драгила победи и по две години во Едмонтон.
Во Севилја имаше рекорден број земји-учеснички. На популарниот стадион „Ла Картуха“ продефилираа 1.750 натпреварувачи/ки од 200 држави.

ЕДМОНТОН: БЕЗ РЕКОРДИ, НО СО НАЈМНОГУ ПОЗИТИВНИ ДОПИНГ-ТЕСТОВИ!

Канадскиот град Едмонтон во 2001 година беше организатор на првиот шампионат одржан на тлото на американскиот континент. Осмото СП, на кое немаше ниту еден светски рекорд, исто како и четири години порано во Атина, ќе биде запаметено по тоа што имаше најмногу позитивни допинг-тестови – дури 16, што значеше и толку суспензии. Меѓу оние што беа позитивни се најдоа и Мерион Џонс и Тим Монтгомери, како и светскиот рекордер во скок во височина, Кубанецот Хавиер Сотомајор.
Легендарниот Морис Грин и овде ја покажа својата супериорност и по третпат во низа триумфира на најкратката патека на светските првенства. Грин постигна одличен резултат од девет секунди и 82 стотинки.
Во Едмонтон се почувствува дека доаѓа крајот на кариерата на најуспешниот фрлач на диск на светските првенства, Германецот Ларс Ридел, кој по петти пат го освои златниот медал, а еднаш, на шампионатот во Севилја, беше трет. На следното СП во Париз направи уште еден обид, но не успеа, заврши на четвртата позиција, а потоа Литванецот Виргилиус Алекна ја презеде палката во оваа натпреварувачка дисциплина.
На ова СП имаше значително помал број учесници отколку во Севилја, настапија 1.677 од 189 држави.

(Утре: СП во Париз, Хелсинки и во Осака)