Македонската репрезентација со освоениот пехар

Во конкуренција на осум репрезентации, првото место го освои Грција, второто ѝ припадна на Словенија, а втората селекција на Македонија го освои седмото место

ШАХОВСКА БАЛКАНИЈАДА ЗА ИГРАЧИ ДО 18 ГОДИНИ

Првата селекција на Македонија оствари забележителен успех, освојувајќи го бронзениот медал на Шаховската балканијада за играчи до 18 години, која викендов се одржа на Попова Шапка. Во плејофот, каде што настапија по две најдобри репрезентации од групите А и Б, во натпреварот за третото место Македонија одигра нерешено, 2-2, со првата селекција на Црна Гора, но поради подобриот вкупен збир на поени освоени по табли е трета. Во дуелот за првото место на Балканијадата, Грција ја победи Словенија, со 3-1.
На Балканијадата настапија осум селекции, поделени во две групи, а Македонија и Црна Гора имаа по две репрезентации. Се играше со стандардно време на размислување, на четири табли, со една резерва до 14 години, која можеше да биде и шахистка.
Боите на македонската репрезентација (селектор Орце Данчевски) ги бранеа ФИДЕ мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.371 рејтинг-поен), кој успеа да го победи прворангираниот на турнирот, интернационалниот мајстор (ИМ) од Словенија, Јан Шубељ (2.492), ФМ Андреј Велјаноски (2317), Леонид Петрески (2.122), Антон Златков (2.107) и Моника Жежовска (1.654).
Втората селекција на Македонија, која беше во состав Константин Лушески (1.729), Валтон Џеладини (1.565), Андреи Калин (1.519) и Инџи Ајрадиноска (1.424), го освои седмото место. Словенката Весна Михелич (2.057) беше прогласена за најдобра шахистка.


ТАБЕЛА

Грција
Словенија
Македонија (1)
Црна Гора (1)
Албанија
Косово
Македонија (2)
Црна Гора (2)