Тој шарен свет

Харизматичниот 13-годишен Французин Лисандро победи на „Детска евровизија 2022“, која во неделата по 20-ти јубилеен пат се одржа во Ереван, Ерменија, под мотото „Сврти ја магијата“. Тој ја испеа песната „Oh maman“ (О, мамо). Се натпреваруваа талентирани деца од 9 до 14 години од 16 европски држави, меѓу кои и од Македонија. Нашата земја ја претставуваа Лара, Јован и Ирина, кои со песната „Животот е пред мене“ го освоија 14-то место. Сепак, можеме да бидеме горди на нашите годинашни претставници, кои дадоа сѐ од себе убаво да нѐ претстават во Ереван.
Ова е втора победа за Франција на овој детски музички натпревар за три години, а оваа држава беше домаќин на ланскиот фестивал. По победата на Валентина во 2020 година, Франција беше домаќин на натпреварот во 2021-та, кога победи Малена од Ерменија.
Текстот за песната го напиша Барбара Прави, Французинка со српско потекло, која минатата година беше втора на „Евровизија“ со песната „Voilà“.
Младиот Лисандро (13) беше прв и за време на првиот дел од гласањето на националните жирија, а онлајн гласањето само ја потврди победата на тинејџерот од Мозел.
Тој стана популарен во Франција откако стигна до финалето на музичкото реално шоу „Гласот на децата“ (The Voice Kids), каде што сите го забележаа неговиот талент. Потоа Француската државна телевизија направи интерен избор и го избра Лисандро да ја претставува земјата на „Детска евровизија 2022“.
Тој во интервјуто снимено за музичкиот канал на „Евровизија“ на Јутјуб вели дека има три страсти: пеење, обожава да гледа комедии, но и филмови од серијалот „Војна на ѕвездите“ (Star Wars).
Судејќи според настапот на „Детскиот евросонг“, Лисандро не само што убаво пее туку е и вистински шоумен.

М.Т.