Среќен и горд сум на себе, но нема да запрам тука, се подготвувам за уште поголеми успеси, вели Трајковски

НА СВЕТСКИТЕ ИГРИ ВО БОРЕЧКИ СПОРТОВИ ВО РИЈАД

Македонскиот каратист Витомир Трајковски (до 84 кг) освои бронзен медал на Светските игри во боречки спортови во Ријад (Саудиска Арабија), каде што се застапени 16 спорта со учество на околу 1.700 спортисти од 80 држави, што претставува нов голем успех за младиот македонски репрезентативец.
До третото место, членот на КК Макпетрол, Трајковски (19), стигна откако во групата А оствари две победи и еден пораз. Прво го совлада Венецуелецот Габриел Мендоза (3-2), потоа загуби од Мароканецот Мехди Срити (3-6), па беше поуспешен од Украинецот Максим Бухаиов (3-1). За влез во финалето, Трајковски загуби од домашниот претставник Анас Алзахрани (1-7).
– Секогаш имам поставено цел и визија што тежнеам да ги остварам. На секој турнир се гледам на првото место со златен медал, па така и за овие игри, си реков дека ќе го освојам првото место. Многу сум задоволен од својот настап, се подготвував напорно, верував во моите способности, а постигнатиот резултатот е потврда за тоа. Бев мотивиран да се натпреварувам со најдобрите на турнирот и да покажам најдобро што умеам. Ова искуство да се натпреварувам на овие Игри беше неверојатно и ќе го паметам цел живот. Истовремено бронзата ми претставува и мотив повеќе за нови позначајни резултати, со што би го задржал првото место на светската ранг-листа, на која веќе цела година сум на врвот. Среќен и горд сум на себе, но тука нема да запрам, се подготвувам за уште поголеми успеси – задоволно вели Трајковски.
Трајковски зад себе има мноштво освоени медали. Сребро на Светското првенство 2022 година до 21 година во Коња (Турција), бронза на Европското првенство 2023 во Ларнака (Кипар) до 21 година, бронза на светската А карате-лига во Атина (Грција) 2023, сребро на Балканијадата за сениори во Србија 2022 во поединечна конкуренција и сребро на Балканијадата во тимска конкуренција во Тирана (Албанија) 2023, злато на европската Универзијада во боречки спортови во Загреб (Хрватска) 2023 година…
Вториот македонски претставник во Ријад, каратистот Стефан Стојановиќ (кој е актуелен светски вицепрвак до 21 година од 2022 и трет на ЕП 2023 до 21 година, а порано бил и европски шампион во јуниорска конкуренција), во групата Б (над 84 кг), оствари една победа и два пораза. Членот на Макпетрол загуби од Казахстанецот Дијас Анарбеков (0-1), го победи Либанецот Нури Абдалсалам (1-0), а потоа загуби (2-6) од Санад Суфјани од Саудиска Арабија.
Во секој спорт и во секоја тежинска категорија на овие Игри учествуваат само првите осум спортисти, оние што се најдобро рангирани на своите светски листи. Трајковски моментно е рангиран прв, а Стојановиќ трет. Г.И.