Имаме млади категории џудисти, кои полека но сигурно го трасираат патот кон модерното џудо и во континуитет ги следат меѓународните џудо-настани преку нашите заложби како стручни лица за учество на вакви настани, а за акумулирање поголемо искуство. Ваквиот успех, како што е бронзен медал на Балканијадата, не е дојден прекуноќ, туку со оваа категорија деца се работи во континуитет и е поминато како фази, вели селекторот Мицкоски
ЏУДО
Македонската џудистка, членка на клубот Сеишин од Прилеп, Теа Настоска во категоријата до 40 кг освои бронзен медал на Балканското првенство во Турција, што е голем успех за младата џудистка. Настоска покажа одлични борби во својата категорија, кои ги заокружи со победата во борбата за третото место против конкурентката од Романија. Другите наши репрезентативци добро се бореа, а на чекор до медал беа Теона Настоска (категорија до 44 кг), која го освои петтото место, Георгиј Магдески (до 66 кг), кој го освои деветтото место, и Лилјана Недановска (до 63 кг), која во првата борба победи, но во четврт-финалето загуби, кога доби полесна повреда, па по препорака на медицинскиот тим не ѝ беше дозволен понатамошен настап, а со тоа пропадна можноста да се појави во репесажната борба и евентуалната можност да се стигне до бронзен медал. Игнат Петров (до 55 кг) загуби во првата борба и немаше можност за репесажна борба, а Ива Богдановска (до 52 кг), исто така, не се пласира понатаму.
Стручниот тим, предводен од селекторот Дејан Мицкоски, е задоволен од настапот на македонската џудо-репрезентација во Турција во борбите против натпреварувачи на повеќе фаворизирани репрезентации.
– Ваквиот успех, како што е бронзен медал на Балканијадата, не е дојден прекуноќ, туку со оваа категорија деца се работи во континуитет и е поминато како фази. Пред сѐ имаме млади категории џудисти (пионери и кадети), кои полека но сигурно го трасираат патот кон модерното џудо и во континуитет ги следат меѓународните џудо-настани преку нашите заложби како стручни лица за учество на вакви настани, а за акумулирање поголемо искуство.
Во тој дел главната улога ја имаат стручните лица (тренерите) по клубовите, кои ги прават програмата за тренинг и програмата за учества на натпревари и ги спроведуваат во практика – вели Мицкоски.
Тој вели дека овој медал треба да биде поттик за понатамошни успеси.
– Не само натпреварувачката што освои медал туку и другите што учествуваа и беа дел од репрезентацијата демонстрираа одлично џудо и малку недостигаше да се замешаат во борбите за медал. Со една добра базична, психофизичка и техничка подготовка, која се спроведува во клубовите, се продолжи со подготовки на репрезентативно ниво, а потоа и со крајна селекција за составување на костурот на репрезентацијата под капата на ЏФМ. Овој значаен медал на вакво високо натпреварување треба да претставува поттик покрај за носителот на резултатот и за остатокот од натпреварувачите, но и за институциите, како што се матичната федерација, Агенцијата за млади и спорт и Македонски олимписки комитет – вели Мицкоски. Г.И.