Во Москва и на последниот шампионат во Пекинг, Усеин Болт ја продолжи својата успешна доминација. Мо Фарах ја презеде палката на долгите патеки

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (6)

Покрај тоа што е светски рекордер на 100 и 200 метри и во штафета на 4×100 метри, Усеин Болт од Јамајка по настапот на Светското првенство (СП) во главниот град на Русија, Москва, стана рекордер и по бројот на освоени медали. Имаше седум, па со трите злата освоени на олимпискиот стадион „Лужники“, тие станаа десет. Толку медали има и славниот Американец Карл Луис, но Болт во тој момент беше поуспешен, бидејќи имаше осум злата и две сребра, додека Луис осум злата и по едно сребро и бронза. Тоа значеше дека Пекинг беше новиот предизвик за Болт да ја збогати својата ризница на освоени медали и со тоа да стане апсолутно најуспешен атлетичар на шампионатите.

БЛЕСОК НА МО ФАРАХ

На СП во Москва не беше виден светски рекорд, но имаше два рекорда на шампионатите. Едниот беше на Украинецот Бохдан Бондаренко во скок во височина, со резултат од 2,41 метри, а другиот на Русинката Татјана Лисенко во дисциплината фрлање кладиво, со прелетани 74,47 метри.
Своите ѕвездени мигови, слично како една година порано на Олимписките игри (ОИ) во Лондон, ги доживеа и Мо Фарах. Британецот со сомалиско потекло триумфира во трките на пет и на десет километри, а со тоа само им донесе тага на африканските долгопругаши.
Во женска конкуренција во спринтот, Американките доживеаја вистински дебакл, бидејќи во трките на 100 и на 200 метри, Шели-Ан Фрејзер Прајс од Јамајка беше најбрза и заслужено освои два златни медала. Валери Адамсод Нов Зеланд, пак, по четврти пат во низа стана шампионка во дисциплината фрлање ѓуле.

Ештон Итон

ПЕКИНГ: СВЕТСКИ РЕКОРД ВО ДЕСЕТОБОЈ

Она што најмногу се памети од овие шампионати во атлетика секако се светските рекорди. Според нив се мери разликата во квалитетот од едно до друго првенство.
Што се однесува до Пекинг 2015 година, имаше еден светски рекорд постигнат во најсестраната и една од најнапорните дисциплини, а тоа е десетобојот. Американецот Ештон Итон по десетте дисциплини собра вкупно 9.045 бода, шест повеќе од стариот рекорд, кој исто така беше во негова сопственост. Со уривањето на рекордот, Итон го збогати и своето парично салдо, на кое додаде уште 100.000 долари за рекордот и 60.000 долари за триумфот.
На ова првенство, покрај светскиот рекорд, беа соборени уште четири континентални рекорди. Од нив, оној на Анита Влодарчик од Полска во фрлање кладиво на некој начин е историски, оти таа за првпат на едно првенство успеа да ја префрли границата од 80 метри, забележувајќи далечина од 80,85 метри.
Во Пекинг, пак, блесна и симпатичната Холанѓанка Дафне Схиперс. Таа во трката на 200 метри не само што ги совлада црномурестите спринтерки од Јамајка и од САД туку постави и рекорд на шампионатите. Што е уште побитно, таа го урна рекордот од СП во Рим во 1987 година на славната Зилке Гладиш од поранешната Демократска Република Германија. Схиперс постигна резултат од 21,63 секунди.
Рекорд на првенствата постави и Алмаз Ајана од Етиопија, која ја претрча патеката долга 5.000 метри за 14:26,89 минути и со тоа ја детронизира својата сонародничка Гензебе Дибаба. Последниот рекорд беше постигнат во женската штафетна трка на 4×100 метри, а спринтерките од Јамајка постигнаа резултат од 41,07 секунди.
Не треба ни да се споменува дека и во Пекинг, како и на претходниот шампионат во Москва, главна ѕвезда повторно беше Усеин Болт. Спринтерот од Јамајка на стадионот „Птичје гнездо“ ја продолжи жетвата на медали и ја збогати ризницата на медали од светските првенства, на кои е апсолутно најуспешен, со 11 златни и два сребрени медала.
Многумина очекуваа токму тука да биде и крајот на блескавата кариера на славниот Болт, но тој не само што продолжи да се натпреварува туку блескаше и на следната олимпијада во Рио (Бразил). Британците со нетрпение очекуваа да го видат по две години и на СП во Лондон.

(Утре: СП во Лондон, Доха и Јуџин)