Тениските правила се едноставни. Топчето е во аут или во поле. Сервисот поминува над мрежата или не поминува. Дури и во големите брзини при кои се игра тенис на Австралија опен, тоа е игра со јасен приказ, пишува Чип Легранд во неговата колумна за австралискиот весник „Ејџ“ по повод случајот на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ.
Премиерот Скот Морисон нѐ наведе да веруваме дека правилата со кои се управуваат нашите граници се јасни на сличен начин. Сега знаеме дека претерано ревносните австралиски гранични службеници се тие што ги прекршија правилата, а не најдобриот светски тенисер. А ништо во врска со оваа сага, која уште би можела да трае, не е едноставно.
Ѓоковиќ го доби случајот во Федералниот суд откако министерката за внатрешни работи Карен Ендрјуз призна дека нејзините агенти постапиле неоправдано при укинување на неговата виза. Со извиците „Ноле, Ноле“ поддржувачите на Ѓоковиќ ја прославија одлуката пред судската зграда.
Тоа барем засега значи, дека Ѓоковиќ ќе може да игра на гранслем-турнирот Австралија опен, но тоа не е конечна одлука. На крајот на сослушувањето, владиниот претставник Кристофер Тран даде назнака дека имиграцискиот министер Алекс Хоук, кој има моќ да ја укине визата со министерски декрет, размислува за интервенција што би ја променила ситуацијата.
Последиците за 34-годишниот Ѓоковиќ, кој во тој случај не би можел да се врати во Австралија во следните три години, би биле сериозни. Како што истакна судијата Антони Кели – влоговите се зголемија.
Судијата зборуваше во името на сите кои биле заробени во „бирократското мочуриште“ во рамки на одговорот на Австралија на пандемијата во изминатите две години, кога реторички праша „што уште можел да стори овој човек?“.
Краткиот одговор е – да прими вакцина. Но во тој случај, светот немаше да добие таков редок приказ за тоа како беспоштедно се бранат ѕидините на „Тврдината Австралија“, во текот на ноќта, заклучува Легранд.