На церемонијата на затворањето на стадионот „Птичје гнездо“ парадираа спортистите со медалите и со националните знамиња, а на крајот имаше порака „Еден свет, едно семејство“

ЗАВРШИЈА 24. ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПЕКИНГ

Во Пекинг, по повеќе од двонеделни возбудувања на спортските борилишта, беа затворени 24. Зимски олимписки игри (ЗОИ), на кои настапија речиси 3.000 спортист(к)и во 15 спорта и 109 дисциплини. На церемонијата на затворањето на стадионот „Птичје гнездо“ парадираа спортистите со медалите и со националните знамиња, а на крајот имаше и огномет во траење од 90 секунди, како и порака „Еден свет, едно семејство“.
На затворањето присуствуваше и кинескиот претседател Кси Џинпинг, а претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, во пригодниот говор Игрите во Пекинг ги опиша како „навистина исклучителни“ пред да ги прогласи за затворени. Бах и градоначалникот на Пекинг им го врачија олимпиското знаме на градоначалниците на Милано и на Кортина д’Ампецо во Италија, кои ќе бидат домаќини на ЗОИ во 2026 година.
– Обединувачката моќ на олимписките игри е посилна од силите што сакаат да нѐ поделат. Секој од вас се трудеше да го даде најдоброто од себе. Бевме возбудени кога навивавте за вашите конкуренти и кога им посакувавте да постигнат што подобри резултати. Не само што се почитувавте еден со друг туку и се прегрнувавте, дури и кога вашите земји се во конфликт – рече Бах.
Светлите моменти од овие ЗОИ се рекордните 16 златни медали на Норвешка, вкупно 37, како и Ајлин Гу, 18-годишната Американка, родена во Сан Франциско, по потекло од Кина, една од ѕвездите на Игрите, која освои две злата и сребро во слободно скијање.