ФОРМУЛА 1
Шпанецот годинава четири пати беше трет и еднаш четврти
Возачот на Астон Мартин, Фернандо Алонсо, верува дека може да триумфира во една трка во Формула 1 оваа сезона. Шпанецот годинава четири пати беше трет и еднаш четврти и моментално е на третото место во генералниот пласман, со 75 бода, зад возачите на Ред бул, Макс Верстапен и Серхио Перез.
– Се чини дека имаме болид што можеби не е најбрз на правите делови од патеките, но затоа сме многу добри во свиоците. Мислам дека на почетокот на годината подиумот беше неверојатен, но сега сакаме повеќе, а најмалку второ место. Но, двата Ред була се нескротливи и секогаш се супербрзи, а и секоја трка ја завршуваат – изјави Алонсо.
Шпанецот го престигна тимскиот колега Ленс Строл, но не можеше сериозно да ги предизвика возачите на Ред бул. Алонсо во досегашната кариера оствари 32 победи, а беше светски првак во 2005 и 2006 година.
– Ако ни се укаже можност еден ден, мораме да бидеме во таа позиција и да не грешиме за време на викендот. Можам да остварам една победа сезонава – оптимист е Алонсо.
Следната трка во Ф1-шампионатот ќе се вози на 21 мај за големата награда „Емилија Ромања“ на патеката во Имола, Италија. Г.И.