Фото: ЕПА

ТЕНИС – ЕПСКО ФИНАЛЕ НА „РОЛАН ГАРОС“

Во второто најдолго финале на гранслем-турнир во опен-ерата, Алкараз го победи Синер по пет часа и 29 минути игра

Во првото гранслем-финале меѓу Шпанецот Карлос Алкараз и Италијанецот Јаник Синер, моментно двајцата најдобри тенисери во светот, славеше Алкараз со 3-2 (4-6, 6-7, 6-4, 7-6, 7-6), во мечот за трофејот на вториот годинашен гранслем-турнир, „Ролан Гарос“ во Париз. Но и најголемите оптимисти не можеа да очекуваат дека ќе ги достигне височините што ги достигна за време на неверојатните пет часа и 29 минути, пишува „Би-би-си“. Финалето го надмина она од четири часа и 47 минути од 1982 година како најдолго на турнирот.

Тоа е петта гранслем-титула за Алкараз (22). Дуелот беше првото машко финале на гранслем-турнир во кое играа двајца играчи родени во 2000-тите, пишува „Би-би-си“. Алкараз води во меѓусебните средби со Синер со 8-4. Со тоа што стана првиот што ги освои своите први пет финалиња на гранслем-турнири во опен-ерата, Алкараз ја прекина низата на Синер во големите финалиња и неговата потрага по трет гранслем-турнир по ред.
– Секој натпревар што го играм против него е важен. Ова е првиот во финале на гранслем-турнир. Се надевам не и последен, оти секојпат кога се соочуваме еден со друг, го креваме нашето ниво на врвот. Ако сакате да освоите гранслем-турнир, мора да ги победите најдобрите тенисери – рече Алкараз.

Седум од претходните осум гранслем-турнири им припаднаа на Алкараз и на Синер, а низата беше прекината со 24-та титула на Новак Ѓоковиќ на САД опен во 2023 година. Алкараз се израмни со Рафаел Надал, кој е рекорден 14-кратен шампион на „Ролан Гарос“, со освојувањето на својот петти гранслем-турнир на иста возраст (22 години, еден месец и три дена). Синер, пак, е најмладиот што стигнал до три поединечни гранслем-финалиња во низа по 14-кратниот победник на големите турнири, Американецот Пит Сампрас во 1994 година. Двајцата имаат титули за одбрана на двата преостанати гранслем-турнира годинава, Алкараз на Вимблдон, а Синер на САД опен.
Во женското финале Коко Гоф (САД) ја победи Арина Сабаленка (Белорусија) со 6-7, 6-2, 6-4 и го одбрани трофејот од лани. За Гоф тоа е втора гранслем-титула, а Сабаленка има три. Г.И.


Тројца тенисери досега спасија меч-поен во финале и победија

Карлос Алкараз во финалето на годинашниот тениски гранслем-турнир Ролан Гарос со Јаник Синер спаси три меч-поени и е само третиот што победил во гранслем-финале откако спасил меч-поен откако почна т.н. опен-ера во 1968 година. Алкараз им се придружи на Гастон Гаудио и на Новак Ѓоковиќ, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
– Мечот не е завршен додека не го освоите последниот поен. Многупати луѓето се враќаа од меч-топка во финале на гранслем или на други натпревари. Само сакав да бидам еден од оние играчи што спасија меч-поен во финале на гранслем и победија. Едноставно верувам цело време. Никогаш не се сомневам во себе, дури и за време на тие меч-поени – рече Алкараз, пренесе АТП.

Првиот тенисер што спаси меч-поен во финале на гранслем-турнир и потоа победи беше Гастон Гаудио на „Ролан Гарос“ во 2004 година против Гиљермо Корија. Корија сервираше за титулата при 6-5 во решавачкиот сет и имаше два меч-поена, но Гаудио победи со 0-6, 3-6, 6-4, 6-1, 8-6, пишува АТП. Ѓоковиќ го сврте мечот со Роже Федерер во финалето на Вимблдон во 2019 година. Швајцарецот сервираше за титулата при 8-7 во петтиот сет, имаше два меч-поена, но Ѓоковиќ триумфира со 7-6, 1-6, 7-6, 4-6, 13-12.

Ова беше второто најдолго финале на гранслем-турнир во опен-ерата. Најдолгото финале е возбудливиот дуел од пет часа и 53 минути меѓу Ѓоковиќ и Рафаел Надал на Австралија опен во 2012 година, што го доби Ѓоковиќ, а третото најдолго финале е на Австралија опен во 2022 година, кога Надал го победи Данил Медведев по пет часа и 24 минути, пишува АТП. Н.М.