ТЕНИС
Рекордот го држи Надал, кој победи на таквите турнири во Монте Карло и во Рим во 2005 година, со 18 години
Тинејџерот Карлос Алкараз (19) е победник на тенискиот мастерс-турнир од серијата 1.000 во Мадрид, откако во финалето го совлада Александер Зверев, со 6-3, 6-1. Претходно Алкараз во три сета ги победи Рафаел Надал во четврт-финалето и Новак Ѓоковиќ во полуфиналето. За Шпанецот тоа е четвртата титула во 2022 година. Алкараз е првиот тенисер што ги победил Надал и Ѓоковиќ во последователни денови на земјена подлога.
Алкараз стана вториот најмлад победник на два мастерс-турнира од серијата 1.000 (претходно славеше и на Мајами опен). Неговиот сонародник Рафаел Надал победи на таквите турнири во Монте Карло и во Рим во 2005 година, со 18 години, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница. Алкараз годинава ги освои титулите и на турнирите во Рио де Жанеиро и во Барселона и првпат се најде во врвните 10 на светската ранг-листа на АТП (сега е шести).
Серијата мастерс-турнири од серијата 1.000 продолжи од вчера во Рим, со учество на Ѓоковиќ, Надал, Зверев, Станислас Вавринка, Доминик Тим, Давид Гофин…