ФУДБАЛ
САД на Андоновски убедливо први на домашниот турнир
Репрезентацијата на САД го освои четвртиот последователен куп „Ши биливс“ за фудбалерки. Со победата на мечот со Бразил (деветти на ранг-листата на Светската фудбалска федерација) со 2-1. САД, чиј селектор е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, на турнирот ги победи и селекциите на Канада (2-0, шеста на листата на ФИФА) и на Јапонија (1-0, 11-та). Турнирот се игра од 2016 година во САД. Досега шест пати трофејот го освоија САД, а по еднаш Франција (2017 година) и Англија (2019).
– Цело време во текот на турнирот, додека сме во кампот, зборуваме за тоа дека не е само овој турнир, туку подготовката за Светското првенство. Фактот дека можевме да одиграме добро против толку големи противници, сите три, Канада, Јапонија и Бразил, е многу мотивирачки за нас да одиме напред, бидејќи веруваме дека имаме уште неколку работи да поправиме и да се подобриме – изјави Андоновски, пренесе „Би-би-си“.
Репрезентацијата на САД, прворангирана на листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), е актуелен двоен светски првак, од шампионатите во 2015 и во 2019 година. САД го почнуваат годинашното Светско првенство во Нов Зеланд и во Австралија на 22 јули со мечот со селекцијата на Виетнам, а потоа се дуелите со репрезентациите на Холандија и на Португалија. Н.М.
ВЕСЛАЊЕ
Унгарија наместо Италија в година домаќин на едно од најстарите ЕП
Унгарија наместо Италија ќе биде домаќин на Европското првенство (ЕП) во веслање во 2024 година. По откажувањето на Италија, организацијата ја доби унгарскиот град Сегед, објави Европската веслачка конфедерација (ЕРЦ). На ЕП од 25 до 28 април в година се очекува да настапат околу 1.200 натпреварувачи од околу 40 држави. Претходен пат Унгарија била домаќин на ЕП во веслање пред 53 години. ЕП во веслање е едно од најстарите континентални спортски натпреварувања, а првпат се одржало во 1893 година во Италија. Редовно се одржуваше до 1973 година, а во календарот е вратено во 2007 година.
– Натпреварувањето во Сегед ќе обезбеди и квалификации за Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, што ќе придонесе за уште повисок квалитет – рече Анамари Фелпс, претседателката на Европскиот веслачки комитет. Г.И.
ФУДБАЛ – ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ
Италијанските екипи без загубен меч и без примен гол
Гостинските тимови забележаа четири победи и едно реми во првите мечеви од осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), во кои четирите тима од Англија загубија трипати, а ремизираа еднаш, а трите екипи од Италија имаа максимален ефект од три победи, без примен гол (вкупна гол-разлика 4-0).
Клубовите што гостуваа во првите мечеви од осминафиналето беа првопласирани во своите групи. Во последните мечеви од првиот круг на осминафиналето во средата, Интер го победи Порто со 1-0, а Лајпциг и Манчестер сити ремизираа, 1-1. Од другите земји со повеќе од еден тим во осминафиналето, германските забележаа две победи и по едно реми и пораз, а португалските по една победа и пораз. Реваншите се закажани од 7 до 15 март.
ОСМИНАФИНАЛЕ, ПРВИ МЕЧЕВИ
Милан – Тотенхем 1-0
Интер – Порто 1-0
Борусија Д. – Челси 1-0
Лајпциг – Манчестер сити 1-1
ПСЖ – Баерн 0-1
Клуб Бриж – Бенфика 0-2
Ајнтрахт – Наполи 0-2
Ливерпул – Реал Мадрид 2-5
реваншите се од 7 до 15 март
Англиска фудбалска драма во Народниот театар во Лондон
Често опкружена со драма, фудбалската репрезентација на Англија се претвора во вистинско шоу. Националниот театар во Лондон соопшти дека Џозеф Фајнс ќе го глуми селекторот на англиската репрезентација Герет Саутгејт во „Драга Англија“, нова претстава на Џејмс Греам, која го поставува прашањето зошто машката репрезентација на Англија не може да победи во својата игра, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Она што Герет Саутгејт се обиде во неговата тивка културна реформа на фудбалот на Англија сметам дека е епско и длабоко трогателно – рече Греам.
Добитникот на наградата „Оливие“, Руперт Голд, ќе го режира шоуто, кое почнува во театарот „Оливие“ на 10 јуни, премиерата е на 20 јуни и ќе се игра до 11 август, пишува АП.