ШАХ – ПО ДВЕ КОЛА НА МЛАДИНСКОТО СП
Златков, Ристески и Жежовска по 1,5 поен

Антон Златков (2.165 рејтинг-поени) во категоријата до 16 години, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.364) до 18 години и Моника Жежовска (1.658) до 14 години, со по 1,5 поен од два можни, засега се најуспешни од 13-те македонски претставници на Светското младинско првенство за шахисти до 14, 16 и до 18 години во Романија, кое се игра во 11 кола. Ристески и Жежовска настапија и за сениорската репрезентација на Македонија на неодамна завршената Шаховска олимпијада во Индија. Боите на Македонија ги бранат и Андреи Калин, Кристијан Лазовски (0,5 поени), Јована Давиткова (сите до 14 години), Инџи Ајрадиноска (до 16 години), Михаил Јорданов (1), Леонид Петрески (1), Стојан Велкоски, Теодор Јовановски (1), Дино Табаковски (1) и Михаела Зрмановска (сите до 18 год.). На СП учествуваат вкупно 620 шахист(к)и од 72 држави (од нив 17 ИМ, 4 ЖИМ, 72 ФМ, 27 ЖФМ). Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА
Актуелниот шампион Роглич се повлече по падот

Надежите на Словенецот Примож Роглич за четврта последователна победа на велосипедската трка Вуелта во Шпанија завршија по падот во 16-та етапа, по која мораше да се повлече од трката. „Оздравете побрзо, шампионе! Ви благодариме за сите убави моменти на оваа Вуелта. Имавте амбициозни планови за последните денови, но, за жал, тоа нема да се реализира“, напиша неговиот тим Јумбо-Визма на Твитер.
Роглич (32) на стотина метри пред целта падна во спринтот, во обидите за да ја намали разликата во однос на лидерот на трката, Белгиецот Ремко Евенепул. Тој успеа да стане и да ја помине целта, но левото колено и раката му беа облеани во крв, очигледно имаше болки и мораше да клекне на колена откако се симна од велосипедот.
Роглич сличен пех имаше и на Тур де Франс летово, каде што, исто така, падна и мораше предвреме да ја заврши трката. Роглич имаше достижни 1,26 минута заостанување зад Евенепул на трката што треба да заврши в недела во Мадрид. Единствен ривал на Евенепул сега му е Шпанецот Енрик Мас, кој треба да дополни 2,01 минути. Трет е уште еден Шпанец, Хуан Пескера, кој заостанува 4,51 минути зад Евенепул. Л.Д.