КОШАРКА
Расел стана првиот играч во историјата на НБА чиј број се повлече во целата лига

Дресот со број 6 на Бил Расел се пензионира низ целата кошаркарска НБА-лига, што е првпат да се случи во историјата на лигата, пишува „Скај спорт“.
– Неспоредливиот успех на Бил Расел на теренот и пионерскиот активизам за граѓански права заслужуваат да бидат почестени на единствен и историски начин. Трајното пензионирање на неговиот број 6 во секој НБА тим гарантира дека трансцендентната кариера на Бил секогаш ќе биде препознаена – рече комесарот на НБА, Адам Силвер, пренесе „Скај спорт“.
Кошаркарите што моментно го носат бројот 6, вклучувајќи го и Леброн Џејмс од Лос Анџелес лејкерс, може да продолжат да го прават тоа, но, бројот не може повторно да се издаде, соопшти НБА-лигата.
Расел почина неодамна на 88-годишна возраст. Тој беше најплодниот победник во историјата на НБА, 11-кратен шампион во текот на 13-годишната кариера.
Во историјата на НБА имало повеќе од 250 играчи што носеле дрес со бројот 6, вклучувајќи 24 што го правеле тоа барем на еден натпревар минатата сезона. Никој не го носел бројот 6 за Бостон селтикс од последната сезона на Расел, 1968/69, пишува „Скај спорт“.


ФУДБАЛ – ФИФА

СП 2022 ќе почне на 20 ноември

Светското првенство (СП) годинава ќе почне со мечот на земјата домаќин Катар со Еквадор, на 20 ноември, во 17 часот, како дел од самостоен настан тој ден, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Првиот натпревар и церемонијата на свечено отворање беа поместени еден ден напред по едногласната одлука на Бирото на Советот на ФИФА. Следствено, средбата помеѓу Сенегал и Холандија е презакажана од 11 за 17 часот на 21 ноември. Промената обезбедува континуитет на долгогодишната традиција на одбележување на почетокот на СП со натпревар на кој ќе учествува или домаќинот или актуелниот светски првак, пишува ФИФА. Носителите на билетите ќе бидат известени преку е-пошта за тоа дека соодветните натпревари се презакажани и нивните билети ќе останат валидни без оглед на новите датум и време, пишува ФИФА.