ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА СЕВЕРНА АМЕРИКА
САД на Андоновски со една победа до титулата и до пласман на ЛОИ
Со голот од пенал на Алекс Морган во 78. минута, женската фудбалска репрезентација на САД ја победи Канада со 1-0, во финалето на 11-то Првенството на Северна Америка, што се играше во Монтереј (Мексико), и го обезбеди и местото на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година во Париз (Франција), објави „Би-би-си“. Селектор на репрезентацијата на САД е Влатко Андоновски.
Со победата, САД се реваншира за поразот на светските шампионки од Канада во минатогодишното полуфинале на ЛОИ во Токио. Морган го постигна својот 118-ти интернационален гол. За САД тоа е деветта континентална титула, а Канада има две. Ова е третпат САД да освојува три титули по ред на првенствата на Северна Америка.
Канада, актуелниот олимписки шампион, ќе игра со Јамајка в година за уште едно место за репрезентација од Северна Америка на ЛОИ во Париз во 2024 година. Јамајка се пласира во олимпискиот плејоф победувајќи во натпреварот за третото место со Костарика, по продолженијата.
Сите четири полуфиналисти на шампионатот на Северна Америка обезбедија пласман на Светското првенство во 2023 година во Австралија и во Нов Зеланд.
ФУДБАЛ
Само Шведска досега била четвртфиналист на сите ЕП
Со денешниот натпревар помеѓу Англија и Шпанија почнува четврт-финалето на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки, кое се игра во Англија. Другите три натпревари од четврт-финалето се играат од утре до сабота, а двојките се Германија – Австрија (в четврток), Шведска – Белгија (в петок) и Франција – Холандија (в сабота), сите со почеток во 21 часот.
Англија и Шпанија се среќаваат на второто по ред ЕП, а Англија победи со 2-0 во групната фаза на ЕП 2017. Англија победи во двете претходни четврт-финалиња во натпреварувањето, а Шпанија беше поразена во двата наврати кога стигна до најдобрите осум репрезентации на ЕП, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Фудбалските репрезентации на Франција и на Холандија, исто така, еднаш играа меѓу себе во оваа фаза. Тогаш Холанѓаните победија на пенали по ремито без голови. Австрија на пенали победи во своето единствено четврт-финале, во 2017 година, а таа победа дојде истиот ден кога Германија го претрпи единствениот пораз во оваа фаза на ЕП, пишува УЕФА.
Шведска е единствената репрезентација што стигнала до четврт-финалето во сите 13 изданија на европските првенства за фудбалерки, а селекцијата на Белгија првпат е во нокаут-фазата.
Новитети за првата прекугранична трка на СК во алпско скијање
Остануваат уште помалку од 100 дена до првата прекугранична трка во историјата на Светскиот куп (СК) во алпско скијање, „Матерхорн-Червино“, трките се предвидени за 29 и 30 октомври и за 5 и 6 ноември 2022 година, а алпските скијачи ќе можат првпат да се натпреваруваат на отворањето на сезоната во брзинска трка, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Новитет за посетителите е што од целта ќе бидат видливи речиси две третини од патеката, како и граничниот премин, пишува ФИС. Првиот дел од трката, од стартот до италијанската граница, може да се следи од скијачката патеката, а дополнително обезбедена е уште една област за гледачи. На италијанска страна трките може да се следат од целната рамнина. На стартот ги чека новитет и скијачите. Првпат во историјата на Светскиот куп во алпско скијање се гради почетна куќа со фотоволтаичен систем, од лесна пневматска обвивка и таа почетна куќа може да се состави или да се демонтира за само неколку часа и ќе се користи само привремено.
Патеката и особено целта се, за разлика од повеќето други трки од календарот на Светскиот куп, на повеќе од 1.000 метри над Цермат (Швајцарија) и Червинија (Италија), па за да не се даде предност на ниту една дестинација на настанот, беше одлучено машките тимови да престојуваат во Цермат, женските во Червинија, извлекувањето на стартните броеви за трката и распределбата на наградите во двете места, првиот викенд сѐ ќе се одвива во Цермат, со директен пренос во Червинија, а вториот викенд ќе биде спротивно, пишува ФИС.