ФИФА
Секоја репрезентација на СП 2022 ќе има по 26 фудбалери

Светската фудбалска федерација (ФИФА) одобри по 26 играчи во репрезентациите што ќе настапат на Светското првенство (СП) во Катар годинава. ФИФА, исто така, ќе дозволи по 15 резерви за секој натпревар, што значи дека сите играчи ќе им бидат на располагање на селекторите.
На СП, репрезентациите ќе можат да направат по пет замени на натпреварите за 90-те минути, наместо по три, како досега.
Крајниот рок за 32-те земји што ќе се натпреваруваат на СП да ги достават конечните состави е 20 октомври, 30 дена пред првиот меч помеѓу Сенегал и Холандија на стадионот „Ал Тумама“.
ФИФА соопшти дека на клупата за резерви нема да дозволи да седат повеќе од 26 луѓе, 15-те резервни играчи и 11-те официјални лица, од кои еден мора да биде лекарот на репрезентацијата. Л.Д.


КОШАРКА – НБА-ДРАФТ
Орландо по 18 години пак избираше прв, го ангажира Банкеро

Орландо го избра Паоло Банкеро, кошаркарот на универзитетот Дјук, како прв избор на НБА-драфтот во 2022 година, што претставуваше големо изненадување. Банкеро е вториот избор број 1 во претходните четири години за Дјук (по Зион Вилијамсон, кого го избра Њу Орлеанс во 2019 година), односно петти прв избор во историјата на универзитетот. Банкеро (19), кој е висок 208 см, имаше просек од 17,2 поени, 7,8 скока и 3,2 асистенции на 39-те натпревари сезонава.
Банкеро беше прв избор на драфтот за Орландо по 2004 година, кога го избраа Двајт Хауард. Претходно Орландо, кој ланската сезона имаше ефект од 22-60 победи и порази, во 1992 година како прв избор го избра Шекил О’Нил.
Мајката на Банкеро, Ронда, играше колеџ-кошарка во Вашингтон и сѐ уште е најефикасната во женската универзитетска кошарка во САД. Таа беше избрана во третата рунда на ВНБА-драфтот во 2000 година и играше шест сезони за Сакраменто.
Оклахома сити го избра Чет Холгрем (20 години, 2,13 метри) од универзитетот Гонзага како втор избор на драфтот, а Хјустон како трет го зеде Џабари Смит (19 години, 2,08 метри), кој настапуваше за универзитетот Обурн. Л.Д.