Тренерски победнички рекорд на Гвардиола

Пеп Гвардиола ги надмина сите поранешни и сегашни колеги во англиската фудбалска Премиер-лига, забележувајќи ја рекордната 111-та победа на 150-от натпревар, што е речиси 64 отсто успешност, како менаџер на Манчестер сити, на мечот против Борнмут, 2-1. Актуелниот шеф на Тотенхем, порано на Челси и на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, се наоѓа на второто место на таа ранг-листа, со 105 победи на првите 150 натпревари. Како трет на „победничкот подиум“ се најде менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, со 92 победи. Потоа следуваат поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон (90 победи), поранешниот кормилар на Ливерпул, Блекбурн и на Њукасл, Кени Далглиш (85) итн. Л.Д.


Кејн надмина 200 гола во клупска конкуренција

Тотенхем забележа победа над Њукасл на гости со 3-1 во меч од фудбалската Премиер-лига на Англија, а два гола постигна напаѓачот Хари Кејн (26). Со тоа тој стигна до бројката од 201 гол во кариерата на 350 натпревари во клупска конкуренција, за Тотенхем (185 гола), за Милвол (девет), за Лејтон ориент (пет) и за Лестер (два). Кејн постигна и 32 гола за англиската фудбалска репрезентација.
– Не е лошо, 201 на 350 натпревари во лигата. Убаво е да се дојде до таа бројка, но бодовите се најважната работа. Се надевам дека ќе постигнам уште неколку гола пред да заврши сезоната – изјави за „БТ спорт“ Кејн, кој шеста сезона едноподруго постигнува повеќе од 20 гола во сите конкуренции. Л.Д.


Бундеслигашите развиваат концепти за враќање на гледачите

Враќањето на гледачите на германските фудбалски стадиони полека станува реалност, откако 36-те клуба во двете најквалитетни лиги добија упатства за тоа како да се заштитат гледачите од коронавирусот. Сезоната во Бундес-лигата заврши на крајот од јуни, со одигрување девет кола зад затворени врати. Но бидејќи клубовите загубија приходи во деновите на одигрување на натпреварите, Германската фудбалска лига (ДФЛ) бара начини како да им помогне во создавањето безбедно опкружување на стадионите.
Упатството на ДФЛ веќе е доставено на процена до федералното Министерство за здравство (БМГ). Концептот на секој клуб ќе треба да биде одобрен и од локалните здравствени власти. Од Лигата истакнуваат дека БМГ инсистира на почитување на високите стандарди на заштита за спречување на ширењето на инфекцијата како основен услов пред евентуалното враќање на публиката на стадионите. Некои клубови наводно веќе работат на концепти за хигиена со кои е можно враќање на поголем број гледачи на трибините. Унион Берлин сака да ги тестира сите вработени во клубот, а 22.000 навивачи со сезонски билети на 24 часа пред натпреварот да направат тест на ковид-19 и, доколку тој е негативен, да можат го следат мечот од трибините. Л.Д.