Веќе почнавме да правиме план за Летните олимписки игри во Париз во 2024 година. Иако има три години до следните Игри и тоа можеби изгледа како долг период, но за нас е краток период. Секако, таму планираме да одиме за да го донесеме златниот медал, вели Георгиевски, член на ТК Бутел од Скопје
ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ, „СРЕБРЕНОТО“ МОМЧЕ ОД ЛОИ 2020
Таеквондистот Дејан Георгиевски (22), „сребреното“ момче од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кој летово ѝ донесе најголем успех на Македонија по речиси 20 години, секако уште е под импресии од борбите, татамите и медалот што се најде на неговите гради. Во меѓувреме, Георгиевски, кој е член на ТК Бутел од Скопје, стана и академски граѓанин, дипломира на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на тема „Менаџирање на човечките ресурси во спортските организации“.
Георгиевски појаснува дали и што се смени во претходните два месеца откако се врати со сребрениот медал од Летните олимписки игри во јапонскиот главен град.
– Сѐ се смени. Сега дури имам уште поголема мотивација да тренирам и да работам. Веќе почнавме да правиме план за Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, а оттаму да го донесеме златниот медал – оптимист е членот на ТК Бутел од Скопје, Георгиевски.
До крајот на сезонава, како и во следната, го очекуваат значајни турнири.
– До крајот на годината имам неколку Г1-турнири и еден гранпри-турнир, а тоа се натпревари што носат бодови за пласман на Летните олимписки игри во Париз. Следната година, секако, најбитен ќе ми биде настапот на Светското првенство – рече Георгиевски.
Тој е задоволен што моментно е шести на светската ранг-листа, ако се знае дека во септември 2019 година беше на 22-то место.
– Тоа ми е и најбитно, да останам во првите шест на врвот, бидејќи така веднаш ќе си обезбедам пласман на ЛОИ во Париз. Во спротивно, ќе треба да одам повторно преку квалификации – вели секогаш оптимистички расположениот Георгиевски.
Задоволен е и од фактот што во Русија се појавија маички со неговиот лик.
– Секако, тоа што продаваат маички со мојот лик во Русија особено ме радува, оти тоа е голема реклама и за нашата држава Македонија, како и за македонското таеквондо – коментира олимпискиот вицешампион.
Популарноста вели дека му годи и не му претставува проблем.
– Засега мислам дека одлично се справувам со неа, а тука многу ми помагаат и моите тренери, Борче и Дарко Костовски – категоричен е Георгиевски.
Идните планови веќе почнаа да се „коват“.
– Па, плановите уште од првиот момент кога се вратив од Токио почнаа да се прават. Иако има три години до следните Летни олимписки игри и тоа можеби изгледа како долг период, но за нас е краток период. Секако, таму планираме да одиме за да го донесеме златниот медал – вели Георгиевски.