Првиот натпревар од вториот турнир, Македонија го игра денеска со домаќинот Данска, утре е мечот со Израел, а в недела со Кипар. Завршниот турнир на Сребрената лига ќе се одржи во Струмица, на 5 и на 6 јуни

ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Македонската машка одбојкарска репрезентација во данскиот град Шлагелсе, од денеска до недела треба да ги одигра последните три средби од вториот турнир во групата А на европската Сребрена лига, против селекциите на Данска, Израел и на Кипар. На првиот турнир, во салата „Парк“ во Струмица, Македонија ги победи Кипар (3-0) и Израел (3-1), а загуби од Данска (0-3), иако во сите три сета резултатот беше неизвесен. Води Данска со осум бода, Македонија има шест, Израел три, а Кипар еден бод.
Избраниците на македонскиот селектор, Никола Матијашевиќ, сега ќе имаат нова можност, токму на теренот на Данска, да ѝ се реваншираат за поразот и со три победи да се вратат на завршниот турнир, кој, исто така, ќе се одржи во Струмица, на 5 и на 6 јуни. Амбицијата на македонската репрезентација ќе биде токму да се достигне вистинската форма за учеството на завршниот турнир, на кој Македонија е пласирана без оглед на резултатите.
Според информациите, нема да има промени во македонскиот состав, односно на паркетот ќе истрчаат оние 14 одбојкари што настапија и на турнирот во Струмица. Решавачкиот натпревар со Данска, од што многу работи ќе зависат околу распоредот на врвот на табелата, се игра денеска од 19 часот.

Финалниот турнир е во Струмица, на 5 и на 6 јуни, на кој ќе играат Македонија и уште три најдобри селекции од двете групи. Во групата Б се Хрватска, Луксембург, Унгарија и Австрија. Во таа група викендов ќе се одржи вториот турнир, домаќин е Луксембург, а по првиот турнир води Унгарија со осум бода, пред Хрватска и Австрија со по пет и Луксембург без бодови.
Македонските одбојкари синоќа со ждрепката во Хелсинки требаше да ги добијат и противниците во групната фаза за второто учество на европските првенства. Континенталното првенство годинава треба да се игра во Полска, Чешка, Естонија и во Финска.
Репрезентацијата на Македонија е фаворит во Сребрената лига, во која трипати беше втора (во 2015, 2016 и во 2017 година) и еднаш трета (2014-та). Првото место ќе значи и можност за настап во Златната лига в година.


ГРУПА А, ВТОР ТУРНИР

ДЕНЕСКА
Израел – Кипар 16 ч.
Македонија – Данска 19 ч.
УТРЕ
Израел – Македонија 16 ч.
Данска – Кипар 19 ч.
НЕДЕЛА
Кипар – Македонија 16 ч.
Данска – Израел 19 ч.
финалниот турнир е на 5 и на 6 јуни во Струмица