Секогаш постоеше чувството „не можам да верувам дека ми се случи ова“. Сега го ценам речиси повеќе отколку во тоа време. Бев во врвна форма, уживав во сето тоа и беше фантастично, но едноставно мислам дека не го ценев тоа колку беше неверојатно. Да се направи нешто во животот и да се биде категорично најдобар во тоа, навистина, е неверојатно, да бидам искрен. Не можам да верувам дека ми се случи, вели Британецот Џонатан Едвардс, светскиот рекордер во трискок
АТЛЕТИКА – ЏОНАТАН ЕДВАРДС 26 ГОДИНИ ПО СВЕТСКИОТ РЕКОРД ВО ТРИСКОК
Повеќе од 26 години откако скокна два светски рекорда за 20 минути во шведскиот град Гетеборг, Британецот Џонатан Едвардс вели дека уште е импресиониран од тоа што го направил. „Мислев дека повторно ќе го соборам. И мислев дека нема да трае толку долго“, вели Едвардс за својот светски рекорд во трискок од 18,29 метри од Светското првенство (СП) во Гетеборг, во 1995 година, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница.
Од моментот кога ја отвори својата сезона во 1995 година, со 17,58 метри, Едвардс знаеше дека е во животна форма.
– Најважната работа во таа сезона е што мојата техника беше извонредна и рамнотежата што ја имав во текот на фазите, менувајќи ја техниката за скок, ми даде многу подобра позиција, особено во последната фаза – вели тој.
ПРИТИСОК И ВОЗБУДА
Во почетокот на сезоната, тој прескокна 18,43 метри (со недозволен ветер, 2,4 метри/секунда) за победа на Европскиот куп. Потоа следуваше друг скок над 18 метри со помош на ветер (18,03 метри) во Гејтсхед, а потоа постави светски рекорд од 17,98 метри во Саламанка. Помеѓу тој скок и СП, тој, исто така, слета на 18,08 метри со помош на ветер во Шефилд, а сето тоа само ги зголеми притисокот и очекувањата пред настапот во Гетеборг.
– Иако веќе го соборив светскиот рекорд таа година, ако не победев на СП, мојата сезона ќе се сметаше за неуспешна. Така, почувствував огромен притисок, бидејќи никогаш не отидов на големо првенство од кое се очекуваше да победам. И не само што се очекуваше да победам туку и да соборам светски рекорд, така што бев скаменет. Се сеќавам дека ветрот беше добар и знаев дека условите се добри. Но мислев дека ќе се збркам, немаше гаранција дека ќе победам. Но, покрај тоа чувство на скаменетост, имаше и чувство дека можам да скокнам огромно растојание. Веќе скокнав со помош на ветер 18,43 метри и скокнав за светски рекорд од 17,98 метри неколку недели претходно, што беше многу помалку отколку што знаев дека сум способен. Така, имаше и вистинско чувство на возбуда – вели тој.
СКОКОВИ КАКО КАМЧИЊА ШТО ОТСКОКНУВААТ ПО ПОВРШИНАТА НА ВОДАТА
Американецот Мајк Конли, кој ја освои олимписката титула три години пред тоа, со скок од 18,17 метри, само маргинално со над дозволената брзина на ветерот (2,1 м/с), исто така, беше во финалето, како и Џером Ромен од Доминика, Брајан Велман од Бермуди и Јоел Гарсија и Јоелби Кесада од Куба.
– Во техничка дисциплина како трискок, кога имате три фази и полетување, има многу работи што може да тргнат наопаку, без разлика колку сте во добра форма. Но во ова финале немаше задршка – вели Едвардс.
Неговиот прв скок беше повеќе од само „добар“. Едвардс се залета, полета и потоа слета над границата од 18 метри. Поминаа неколку моменти пред да се потврди неговиот скок од 18,16 метри, светски рекорд и прв скок над 18 метри со дозволен ветер.
– Тоа беше прослава, но и огромно олеснување. Имав толку многу брзина што скокнав многу повеќе во хоризонтална отколку во вертикална насока кога полетав. Луѓето го споредија со фрлање камчиња што отскокнуваат по површина на вода и овие скокови тој ден беа такви – се сеќава Едвардс.
ДВА СВЕТСКИ РЕКОРДА ЗА 20 МИНУТИ И РЕЗЕРВА ОД 11 СМ
Околу 20 минути подоцна, Едвардс повторно беше на пистата, за втората рунда. Тој уште еднаш имаше одличен скок, веднаш штом слета во песокот, излезе со рацете нагоре и славеше, знаејќи дека скокна подалеку од претходниот обид. Имаше уште едно чекање за мерење на дистанцата, иако овој пат помалку вознемирено, бидејќи притисокот беше намален и Едвардс знаеше дека го собори рекордот. Тој едноставно сакаше потврда. И потоа се појави на семафорот: 18,29 метри.
– Моментот кога сфатив дека скокот е подобар, беше во текот на фазите од скокот, бидејќи требаше само да чекам да доскокнам. Имаше само краток момент кога мојата предна нога малку полета и само требаше малку да се стабилизирам. Штом слетав, знаев дека тоа е светски рекорд. Затоа станав и ги кренав рамениците како да сакам да речам „тоа е уште еден рекорд“. Имав уште 11 сантиметри за резерва на отскочната штица. Значи, ако некој некогаш го собори мојот светски рекорд, ќе кажам дека всушност имав 18,40 метри од полетувањето до слетувањето – додава Едвардс со насмевка.
Едвардс ги пропушти третиот и четвртиот скок, го изведе својот скок во петтата рунда, со слетување на 17,49 метри, но потоа го пропушти својот последен обид, оти неговата победа до тој момент беше сигурна, пишува СА.
– Секогаш постоеше чувството „не можам да верувам дека ми се случи ова“. Растете следејќи ги своите херои на ТВ и ако сте доволно среќен, може да ги видите на стадион и самиот се чувствувате многу обично. Кога всушност правите нешто што е извонредно, тешко е да ги изедначите двете. Сега го ценам речиси повеќе отколку во тоа време. Бев во врвна форма, уживав во сето тоа и беше фантастично, но едноставно мислам дека не го ценев тоа колку беше неверојатно. Да се направи нешто во животот и да се биде категорично најдобар во тоа, навистина е неверојатно, да бидам искрен. Не можам да верувам дека ми се случи – вели Едвардс, кој го освои и олимпиското злато во 2000 година, пред да ја освои втората светска титула во 2001 година.
Шестмина досега прескокнале 18 метри
Досега 14 пати била прескокната далечината од 18 метри со трискок, и тоа од шестмина атлетичари, според податоците на Светската атлетика (СА). Од нив, светскиот рекордер Џонатан Едвардс има четири скока од 18 метри или повеќе и има два од најдолгите далечни во трискок во светот на сите времиња, меѓу кои и двата светски рекорда, прво од 18,16 метри, а потоа и од 18,29 м (уште и 18,01 и 18,00). Кристијан Тејлор има четири скока над 18 метри и е втор на листата со 18,21 м (уште и 18,11 м, 18,06 м и 18,04 м). Другите со прескокнати 18 метри се Вил Клеј (двапати, 18,14 м и 18,06), Кени Харисон (еднаш, 18,09 м), Педро Пичардо (двапати, 18,08 м и 18,06 м) и Теди Тамго (еднаш 18,04 м).