ШАХ – ИНТЕРНЕТ-КУП НА НАЦИИ

Селекцијата на Кина води на интернет-купот на нации во забрзан шах, кој се игра во 10 кола, во конкуренција на Русија, Европа, Кина, САД, Индија и на Остатокот од светот, со просечен рејтинг на играчите од 2.651 поен. Двата најдобри тима, по 10-те кола, ќе се сретнат во утрешното финале.
Кина, која е прворангирана (2.836 рејтинг-поени во забрзан шах), го победи двапати Остатокот од светот (3-1 и 3,5-0,5), потоа Европа (3-1), Индија (2,5-1,5) и САД (2,5-1,5), а ремизира со Русија (2-2). Европа, пак, ремизира и ја победи Русија (2-2 и 2,5-1,5), победи на дуелите со Индија (2,5-1,5), САД (3-1) и со Остатокот на светот (2,5-1,5), а загуби од Кина (1-3).

За селекциите настапуваат по четири играчи (најмалку една шахистка), две резерви (една шахистка) и капитен, а во секој меч играчите имаат по 25 минути време за размислување, плус 10 секунди по секој потег.
Најдобар резултат по табли засега има Ерменецот Левон Аронијан (Европа), со четири поени од шест можни, а следуваат Фабијано Каруана, Ји Веи, Вишванатан Ананд, Хикару Накамура, Максим Вашер-Лаграв и Владислав Артемиев, сите со 3,5 поени. Кај шахистките, пак, водат Јифан Хоу (2,5/3), Венјун Ју (2,5/3) и Химпи Конеру (2,5/4).
Табела по 6. коло: Кина 11 бода (16,5 по табли), Европа 9 (13,5), САД 7 (12,5), Русија 5 (11,5), Индија 2 (10) и Остатокот од светот 2 (8).