Порано во дописниот шах една партија се играше и по година и пол, а еден потег се праќаше преку писма. Денес е многу побрзо, на пример петнаесетина минути, половина час, еден час… во зависност од правилата на шаховските сајтови, вели ФМ Димитар Качаковски, кој со успех играл дописен шах од 2000 до 2005 година
Дописниот шах, кој некогаш беше многу популарен, денес се трансформира во интернет-шах. Комерцијализацијата на шаховската игра, како и бавноста на дотогашниот дописен шах, се главните причини за оваа трансформација. Дописниот шах и денес постои, а како носители се јавуваат разни шаховски сајтови, од кои најпопуларен е „Плејчес.ком“. Разликата е само во должината на времето за размислување, вели македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) во класичен шах Димитар Качаковски.
Сега, во време на пандемија на коронавирусот, интернет-шахот уште повеќе се актуализира и добива на значење.
– Со долгиот шах, или попознат како кентаур или „адвансд чес“, се постигнува високо ниво на игра и се добива чувство дека игра врвен шахист. Затоа многу шахисти во светот, па така и македонските, ги користат партиите на дописниот шах, поради многу подобриот квалитет, особено во шаховските отворања. Уште се мали искуствата со најновите категории шаховски програми, кои се базираат на вештачка интелигенција, но има простор слабостите на програмите од стратегиска природа, човекот да ги коригира. Исто така, шахистот треба да знае да примени и психолошки позиции во партиите, кој противникот потешко може да ги разбере. Компјутерот може да му даде 5-6 одговори на одредена позиција и кои се многу слични, но тоа е така само на прв поглед. За да се одговори најдобро, тој треба добро да ги познава силните и слабите страни на шаховските програми и, секако, да биде квалитетен шахист.
Практично, човечката индивидуалност заедно со вештачката интелигенција, всушност, треба да создаде посовремени шаховски остварувања. Денес се смета дека компјутерската програма Алфа зеро е најдобра, бидејќи учи од сопствените грешки – вели Качаковски, кој со успех играл дописен шах од 2000 до 2005 година и кој веќе 15 години работи на тоа да создаде македонска база на шаховски партии со свој историјат, почнувајќи од 1925 година.Дописниот шах станува сѐ помалку популарен.
– Порано во дописниот шах една партија се играше и по година и пол, а еден потег се играше за еден ден, една недела, па и подолго, и тој се праќаше преку писма, а денес многу побрзо, на пример петнаесетина минути, половина час, еден час… во зависност од правилата на шаховските сајтови. Денес употребата на интернетот, а особено брзопотезниот шах си го прави своето и тој полека изумира – рече Качаковски, кој може да се пофали дека имал 3.000 партии во низа без пораз во интернет-шах.
Во Македонија прв промотор на дописниот шах беше Павле Бидев, а со огромен успех играше и интернационалниот мајстор во дописен шах и поранешен првак на Југославија и репрезентативец Ристо Донев, како и мајсторот Крум Крстев, повеќекратен учесник на првенствата на Македонија и на дописните првенства на поранешна СФРЈ, со остварени високи пласмани.