За да го прослават Светскиот ден на шахот, денеска врвни шаховски личности, меѓу кои и претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, потоа велемајсторите Вишванатан Ананд, Владимир Крамник, Левон Аронијан и Хоу Јифан, ќе учествуваат на виртуелен настан на високо ниво – „Шах за подобро враќање“, објави ФИДЕ.
На настанот ќе присуствуваат од Обединетите нации (ОН) и владини претставници, постојани мисии во ОН, претставници на граѓанското општество и други релевантни чинители. Настанот ОН ќе го емитува во живо, а ќе може да се проследи и на јутјуб-каналот на ФИДЕ.
ФИДЕ го слави Меѓународниот ден на шахот од 1966 година, а датумот означува формирање на Меѓународната федерација за шах, која е основана за време на Летните олимписки игри во Париз 1924 година. На 12 декември 2019 година, Генералното собрание на ОН донесе резолуција со која се прогласува 20 јули за „Светски ден на шахот“.