По четирите испливани трки во рамките на Македонскиот куп во далечинско пливање Националната пливачка федерација на Македонија (НПФМ) денеска ги прогласи вкупните победници според бројот на освоени бодови во три стросни генерации за мажи и за жени.

Како последица на забраните и здравствените протоколи поради пандемијата на коронавирусот годинава Македонскиот куп во далечинско пливање се одржа само на една делница од 2,5 км на четири локации, Крушевско Езеро (9 август), Охридско Езеро (16 август), Мавровско Езеро (29 август) и Велешко Езеро (12 септември).

– Среќни сме и задоволни што и покрај сите одложувања, карантини и воведени здравствени протоколи успеавме да обезбедиме услови пливачите да ги вратиме на пливачките патеки каде што им е местото. Сите знеме дека годинава не се одржа Охридскиот маратон па затоа Националната пливачка федерација на Македонија направи напор и го организира Македонскиот куп во далечинско пливање, кој се реализира во Крушево, Охрид, Маврово и во Велес. Настапија повеќе од 50 учесници од пливачки клубови од Битола, Штип, Охрид, Скопје, а, исто така, организиравме и промотивна трка на 800 метри за деца до 10 години. Освен плакети и дипломи, Федерацијата направи напор и успеавме да обезбедиме одредена сума, која во вид на вредносни ваучери од девет, шест и три илјади денари ги распределивеме на најдобрите во секоја категорија, како еден вид стимул за уште поуспешна и поефективна работа која на долги патеки ќе донесе нови успешни резултати и на меѓународни натпреварувања – изјави претседателот на НПФМ, Александар Филипчев. Та.Д.

ПОБЕДНИЦИ НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО ДАЛЕЧИНСКО ПЛИВАЊЕ

Категорија 1, мажи: Филип Деркоски (ПВК Орион)

Категорија 2, мажи: Давид Тануровски (ПВК Орион)

Категорија 3, мажи: Михаил Велков (ПК Нептун)

Категорија 2, жени: Јана Костандиновска (ПК Нептун)

Категорија 3, жени: Софиа Дамјанова (ПК Октопод)