Покрај ставот и пристапот на родителите кон децата, пристапот на стручните лица, тренерите и нивната работа во клубот се од најголемо значење за спортскиот развој кај децата

Изборот на вистинско спортско училиште за вашето дете дефинитивно е едно од најважните прашања и треба да го сфатите многу сериозно. Тука не влегува фактот дека детето е талентирано само за одредени спортови и толку. Непрофесионалноста на клубот или на спортското училиште продуцира и непрофесионално работење, може да има и сериозни последици врз вашето дете. Затоа, при изборот на спортски клуб треба да обрнете внимание на неколку работи.
l Доколку сте во можност разговарајте со некој чие дете веќе вежба во одреден клуб. Прашајте го колку се задоволни, што им се допаѓа, а што не им се допаѓа таму (ако сте во можност со повеќе подобро).

  •  Разговарајте со стручните лица од тој клуб и не двоумете се да прашате сѐ што ве интересира. Стручното лице (тренер) што нема трпение да разговара со вас, нема да има трпение ниту за вашето дете.
  • Распрашајте се за посветеноста, професионализмот на тренерите, нивното искуство, како и за успесите што ги постигнале.
  • Проверете дали спортскиот клуб е овластен за дејноста на тој спорт, дали е член на матичната федерација и, најважно, дали има управа или станува збор за човек клуб.
  • Задолжително направете проверка дали во клубот работат стручни лица со соодветно образование од областа на спортот или со соодветни лиценци за работа.

  • Задолжително присуствувајте и гледајте еден тренинг. На тој начин сами ќе донесете заклучоци, како и колку внимание им се посветува на децата и дополнително дали тоа се прави со уживање и љубов кон спортот, дали во согласност со бројот на членови има доволен број стручни лица (тренери, помошници) што се грижат, пред сѐ за безбедноста на децата, а потоа дали ги задржуваат вниманието и дисциплината на децата.
    l Прашајте дали е возможно пред официјалното запишување вашето дете да направи неколку тест-тренинзи за да има увид прво дали ќе се пронајде во соодветниот спорт, а потоа и во новата средина, пристапот на членовите и стручните лица и слично, при што на овој начин ќе ги избегнете првичните трошоци за регистрација и слично во ситуации кога вашето дете не би било заинтересирано за тој спорт.
  • Побарајте информации за термини за тренинзи (за да знаете дали ви одговараат временските периоди), финансиските трошоци за членство, како и дали ве очекуваат дополнителни финансиски трошоци за спортска опрема со која се вежба соодветниот спорт (дресови, тренерки, патики, кимона, појаси и слично). На овој начин нема да бидете доведени во ситуација, доколку не можете да ги поднесете сите овие трошоци, да треба да го испишувате вашето дете од спортскиот клуб. Статистички гледано не е мал бројот на деца што го напуштиле спортот поради овие причини (вистинските спортски организации, клубови и тренери на кои, пак, сте му ги предочиле овие причини, искрено и навремено нема да дозволат да се случи тоа).
  • Обрнете добро внимание на објектот во кој се врши тренажниот процес, секој чист, добро осветлен, проветрен и добро опремен спортски објект претставува одраз на сериозна работа на спортскиот клуб.

 

  • Распрашајте се колку време работи клубот на тоа место (спортски објект) поради тоа што има спортски клубови, кои често ги менуваат местата за тренинг од различни причини и се поставува прашањето дали вие ќе можете да ги следите постојано тие промени (оддалеченост од местото на живеење).
  •  Проверете го фактот дали во рамките на спортскиот клуб програмата за работа е адаптирана по возрасни категории, поради специфичноста на методите за работа со различни возрасни категории деца.
  • Ако се одлучите вашето дете да почне да вежба и сте во можност лично да му набавите нова спортска опрема за соодветниот спорт, немојте да вложувате во многу скапа спортска опрема што одговара за таа спортска дисциплина, бидејќи не знаете дали вашето дете по одредено време уште ќе сака да ја практикува таа спортска дисциплина или од различни причини ќе прекине.

Покрај ставот и пристапот на родителите кон децата, пристапот на стручните лица, тренерите и нивната работа во клубот се од најголемо значење за спортскиот развој кај децата. Имајте предвид дека тој може да биде позитивен или негативен и да остави позитивни или негативни последици за вашето дете. Професионалните и вистинските клубови и стручни лица што работат таму би го објавиле ова, за да им дадат можност и пристап на сите родители и заинтересирани да носат зрели одлуки лично за себе и за своите деца.

м-р Дејан Мицкоски

Авторот е џудо-тренер,
2. дан, во ЏК Сеишин