ЗДРАВКО ДЕЈАНОВИЌ, МАКЕДОНСКИ ПЛАНИНАР И АЛПИНИСТ
Крајната цел, искачување на врвот (8.516 м), поради лошите временски услови не беше постигната, се искачив до осум илјади метри, но сѐ друго мина без инциденти, што ми дава верба и надеж дека во следниот обид, веќе следната година, целта ќе биде остварена, вели Дејановиќ
Горд сум на она што го направив на Лотце (8.516 м), четвртиот највисок врв на Хималаите, бидејќи се искачував самостојно, без боци со кислород и без логистичка помош на шерпаси, комплетно сѐ сам изработив. Крајната цел, искачување на врвот, поради лошите временски услови не беше постигната, се искачив до осум илјади метри, но сѐ друго мина без инциденти, што ми дава верба и надеж дека во следниот обид, веќе следната година, целта ќе биде остварена. Временските услови не беа поволни, ноќта кога го почнав искачувањето дуваше силен ветер, 70, 80 км/час, а температурата беше минус 40 степени. Без кислород, во таква ситуација беше опасно да се продолжи, па по стотина искачени метри решив да не ризикувам непотребно, бидејќи шансите за безбедно враќање ќе беа никакви, вели Здравко Дејановиќ, македонскиот планинар и алпинист откако се врати од Непал.
Првичниот план на Дејановиќ, кој во минатите десетина години искачи три врва на Хималаите над осум илјади метри, Монт Еверест (8.848 м), К2 (8.611 м) и Анапурна (8.091 м), беше повторен обид за искачување на Канџензонга (8.856 м) каде што пред три години стигна до осум илјада метри, исто така, самостојно и без користење кислород.
– За мене по Монт Еверест во 2010 година, искачувањето на врв повисок од осум илјади метри со користење дополнителен кислород не е предизвик. Мали отстапки направив при искачувањето на К2 и на Анапурна, кога користев по само една боца кислород. Кога станува збор за самостојно качување, треба да се има на ум фактот дека качувањето со неколку боци кислород (меѓу три и пет) и со помош на шерпаси е еден спорт, а соло-качувањето без кислород нешто сосема друго, целосно различен, екстремен спорт. Овие два начина на качување немаат ништо заедничко, освен патеката. Искачувањето на ваков врв соло и без кислород е „наука“ што важи само за тој што го прави тоа. Треба да се знае и дека дополнителниот кислород го олеснува искачувањето на големите височини. Медицински е докажано дека кога се користи кислород на височина поголема од осум илјади метри, на телото му се создаваат услови како да е на шест илјади метри. Годинава намерата ми беше повторно да го искачувам врвот Канџензонга, но кога стигнав во Катманду, агенцијата организатор ми кажа дека годинава таму ќе нема експедиции и дека другата опција е да се искачува Лотце. Таму меѓу 100-те качувачи, само тројца, јас и уште двајца Полјаци, бевме без шерпаси и без кислород. Мислам дека вкупно околу пет, шест, од стотината качувачи на Лотце успееја да стигнат до врвот, придружувани од уште толку шерпаси, но сите користејќи боци со кислород – вели Дејановиќ.
Проблем за Дејановиќ, покрај лошото време, немањето никаква помош, односно логистика од шерпаси, и некористењето кислород, бил и предолгиот престој на големите височини, кои се исцрпувачки за секој организам.
– Поради лошите временски услови, таму останав предолго, дури 40 дена бев на височина над 5.360 метри каде што беше базниот логор. Оптимални се 25 до 30 дена, не повеќе. Од оваа перспектива мислам дека погрешив и што во базниот логор дојдов прв, а другите качувачи, со шерпасите, десетина дена по мене. Дотогаш сам направив две ротации (качување и симнување) и непотребно потрошив многу енергија, сѐ уште не беа поставени алпинистичките скали, проблем беше и мразот. Кога шерпасите ја прават патеката за своите клиенти, качувањето е полесно за нив, но и за другите. Следната година планирам да заминам кон крајот на април и ќе се потрудам пред заминувањето кон врвот, што е можно пократко време да останам на тие височини, сѐ со цел во најважните моменти да бидам поодморен. Се разбира многу битен елемент ќе бидат и временските услови – вели Дејановиќ.
Самостојните искачувања ќе ги снема наскоро!
Соло-искачувања ќе ги има сѐ помалку на Хималаите, можно е за три-четири години и да ги снема. Причината е што покрај физичките и техничките проблеми, без кислород и друга поддршка, постојат и опструкции од шерпасите. По физичката пресметка пред неколку години на Монт Еверест, меѓу соло-качувачите Ули Штек и Симоне Моро и шерпасите, има сѐ поголемо нетрпение меѓу двете групи. Шерпасите гледаат на соло-качувачите како на потенцијална опасност за нивниот бизнис. Тие се сметаат за „газди“ на Хималаите, заработуваат доста пари од експедициите и си ја чуваат територијата. На секој начин сакаат да покажат дека без нив не може успешно да се реализира ниедна акција и оти без нивна помош искачувањето на врвовите на Хималаите е невозможно. Но треба да се признае дека шерпасите сѐ уште се незаменливи при поставувањето на фиксните јажиња (т.н. фиксинг-тимови), што е доста ризична операција, вели Дејановиќ. Л.Д.